Пулев: За Бугарија е важно да создава услови за проширување на американскиот бизнис во земјата
Вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев изјави дека Владата подготвува економски и регулаторни реформи со цел да ги зголеми инвестициите и да ја подобри конкурентноста на Бугарија. Тој говореше на бизнис-појадок организиран од Американската трговска комора во Бугарија, на кој учествуваа премиерот Румен Радев, владини претставници, бизнисмени и дипломати, јавува БТА.
Пулев оцени дека на Бугарија ѝ е потребна целосна економска трансформација поради растот на трошоците за труд и послабиот раст на продуктивноста.
„Буџетот за 2027 година ќе биде буџет на реформите“, рече тој, посочувајќи дека Владата планира инструменти за економски раст и зголемување на приходната основа.
Меѓу приоритетите ги наведе енергетски интензивната индустрија, транспортот и логистиката, како и реформата на административната и регулаторната средина. Поддршката за овие сектори, според него, ќе продолжи и во 2027 година.
Пулев соопшти и дека Владата е во завршна фаза на подготовка на нова законска рамка за јавно-приватно партнерство, со која треба да се мобилизира приватен капитал и европски средства за патишта, аеродроми, пристаништа, индустриски зони и енергетска инфраструктура.
На средбата беше истакната и потребата од продлабочување на дијалогот со американскиот бизнис и создавање услови за проширување на присуството на американските компании во Бугарија. Во фокусот на разговорите беа инвестициите, иновациите, конкурентноста, пазарот на труд и економската соработка меѓу Бугарија и САД.

