ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО КОЧАНИ

//

Модуларната ковид болница во Кочани, прва во источниот регион, денеска е пуштена во употреба. Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети болницата по што изјави дека веќе од понеделник таа ќе може да ги прими првите пациенти.

Објектот, кој е сместен во кругот на Општата болница со проширена дејност во Кочани, има капацитет од 35 болнички кревети, од кои пет за интензивна нега на тешко болни, а располага и со неопходната опрема за дијагностицирање.

-Оваа болница е од големо значење со оглед што опслужува пациенти од целиот источен регион, тука доаѓаат пациенти не само од Кочани, туку и од Берово, Виница, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица и соседните општини. Во Општа болница беше инвестирано и претходно, независно од овој дел, веќе е набавен нов апарат за анестезија, стигната е и донација од Јапонската амбасада за ехо апарат. Секако, и модуларната болница ќе биде опремена со дополнителен ехо апарат, со сите сонди, подвижен дигитален рендген уред, што ќе служи за потребите не само на ковид – центарот, туку и за другите специјалности, истакна министерот Филипче.

Додаде дека Министерството за здравство ќе помогне во обновувањето на дел од возниот парк за потребите на Итната медицинска помош во кочанската болница, со оглед што за краток период таа остана без две возила што беа целосно оштетени во сообраќајни несреќи.



Во наредниот период за потребите на Општата болница ќе биде распишан оглас за нови вработувања на 50 лица, стручен и технички кадар.

Директорот на Општа болница со проширена дејност, Александар Серафимов нагласи дека новата модуларна болница заедно со болничките легла на другите одделенија, ќе овозможи проширување на капацитетот за прием на шеесетина ковид пациенти од регионот. Освен тоа, се очекува во одделот за интензивна нега наскоро да се инсталира опрема за централна кислородна поддршка.

Претходна статија

РУСКОВСКА ДАЛА ИСКАЗ ПРЕД РИСТОВСКА ЗА БЕГСТВОТО НА МИЈАЛКОВ

Следна статија

ШИЛЕГОВ: ПРОЕКТОТ ЗА БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ Е 10 ПАТИ ПОЕВТИН ОД СКОПЈЕ 2014

Најново од Вести