|

„Путин не доаѓај, ќе мораме да те уапсиме“ – Предупредување за рускиот лидер

Јужна Африка ќе го покани рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на самитот на БРИКС преку „Зум“, наместо лично, откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење.

Путин беше поканет на самитот на лидерите на пет земји: Бразил, Русија, Индија, Кина и домаќинот Јужна Африка, но МКС издаде налог за негово апсење.

Јужна Африка е една од земјите што го потпишаа Римскиот статут кој ја обврзува да ги почитува одлуките на Меѓународниот кривичен суд.

Минатата недела претседателот на Јужна Африка назначи специјален владин комитет на чело со потпретседателот на земјата, кој треба да ги проучи опциите на властите за издавање налог за апсење на Путин.

Според изворот на „Сандеј тајмс“, комитетот нема да може да најде други опции, освен учеството на Путин на самитот преку видео-конференција од Москва. Во спротивно ќе мора да го уапси.

Јужноафриканските власти потврдија дека се разговара со Москва за ова.

Инаку, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса неодамна изјави дека владејачката партија во неговата земја, Африканскиот национален конгрес, одлучила да ја повлече Јужна Африка од Меѓународниот кривичен суд, кој минатиот месец издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин.

Ова не е прв обид на Јужна Африка да го напушти МКС. Земјата се обиде да го стори тоа во 2016 година, откако го игнорираше налогот за апсење од 2015 година за поранешниот судански претседател Омар ал-Башир, анализираат медиумите.

Меѓутоа, откако веста привлече големо внимание, пристигна демант во кој се вели дека „Претседателството сака да разјасни дека Јужна Африка останува потписник на Римскиот статут.

Во март, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, прогласувајќи го за виновен за незаконско депортирање на илјадници деца од Украина.

Издавањето на потерницата значи дека Путин би можел да биде уапсен доколку отиде во која било земја членка на Меѓународниот кривичен суд.



Слични Објави