Радев: Албанија е позитивен пример за напредок во процесот на европската интеграција
Албанија е позитивен пример во процесот на европска интеграција за регионот на Западен Балкан, затоа што напредокот на земјата е постигнат со сопствени напори и спроведени реформи, и може да смета на поддршката од Бугарија на својот пат кон полноправно членство во ЕУ. Ова го изјави шефот на државата Румен Радев на средба во претседателската институција со претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали. На средбата присуствуваше и потпретседателката Илијана Јотова, јавува БГНЕС.
Шефот на државата и претседателката на албанскиот парламент се согласија околу ставот дека односите меѓу Бугарија и Албанија се развиваат врз основа на традиционално пријателство и партнерство. Двајцата ја истакнаа важноста на активниот и конструктивен дијалог на највисоко ниво за зајакнување на довербата и понатамошно продлабочување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес – економијата и инвестициите, подобрување на транспортната поврзаност, продлабочување на врските во областа на туризмот, здравството, образованието, културата и технологиите.
Румен Радев ја нагласи важноста на билатералното партнерство меѓу Бугарија и Албанија во рамките на НАТО за безбедноста на регионот, а Елиса Спиропали од своја страна посочи дека Албанија ќе продолжи да се афирмира како фактор кој придонесува за зајакнување на безбедноста и стабилноста на Балканот.
Општ беше и ставот дека забрзаната изградба на Kоридор VIII е од клучно стратешко значење не само за поттикнување на економскиот развој, инвестиционата клима и инфраструктурната поврзаност на земјите по неговата траса, туку и за целокупната безбедност и стабилност на целиот регион.
Бугарското национално малцинство е одлично интегрирано во албанското општество и е активен фактор во развојот на пријателските односи кои ги споделуваме со Албанија, подвлече претседателот за време на средбата. Шефот на државата ја поздрави албанската страна за спроведениот попис на населението во согласност со европските стандарди, како и за толерантниот однос кон националните малцинства кои слободно можат да ја изразуваат својата припадност, да го зачувуваат и развиваат својот јазик, традиции и култура.

