| |

Радев: Грижата за дијаспората е приоритет на надворешната политика на Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев на средба со бугарската заедница во Ријад, Саудиска Арабија, изјави дека заштитата на правата и грижата за Бугарите во странство се основен приоритет на бугарската надворешна политика. Тој нагласи дека амбасадата во Ријад е подготвена да помогне на секој сограѓанин во потреба, јавува БТА.

Радев им се заблагодари на сонародниците за нивната посветеност и успехите што, како што рече, ја претставуваат Бугарија во позитивно светло и придонесуваат за развој на односите со Саудиска Арабија.

Тој истакна дека земјата-домаќин станува центар за иновации, истражувања и инвестиции, а пренесе дека престолонаследникот Мохамед бин Салман покажал интерес за соработка во областа на иновациите и вештачката интелигенција.

Радев додаде дека Бугарија се развива како иновациски хаб во Југоисточна Европа и дека нејзините ученици и студенти успешно се натпреваруваат на меѓународни олимпијади.

Претседателот говореше и за растечките можности во туризмот и очекувањето аеродромот во Софија до крајот на годината да прими над осум милиони патници.

На средбата со дијаспората беа поставени и прашања за перспективите за вистински промени во Бугарија и продлабочување на односите со Саудиска Арабија.

Слични Објави