Радев: Односот кон Ива Михаилова од Кочани е спротивен на здравиот разум и на основните хумани принципи
Односот кон Ива Михаилова од Кочани е „спротивен на здравиот разум и на основните хумани принципи“, изјави бугарскиот премиер Румен Радев. Тој нагласи дека Бугарија не се меша во судските постапки на други држави, но продолжува да ѝ обезбедува поддршка на Михаилова и на нејзиното семејство, јавува БНТ.
Радев ја поздрави Бугарската национална телевизија (БНТ) и новинарот Иво Никодимов за нивната работа и за информирањето на бугарската јавност за случајот.
„Сакам да ви честитам вам, на медиумите, лично вам, за тоа што ја запознавате бугарската јавност со деталите од целиот овој процес“, изјави Радев.
Според него, бугарските институции се во постојан контакт со Ива Михаилова и со нејзиното семејство.
„Да, Бугарија не се меша во судските процеси на други држави, но ние сме во постојана врска и со Ива Михаилова, и со семејството, со нејзината мајка. Нашата амбасада во Скопје, нашиот конзул, продолжуваат да бидат таму и да обезбедуваат помош“, рече Радев.
Тој додаде дека бугарската држава ја презела судската заштита на Михајлова и дека се водат активни разговори на ниво на Министерството за надворешни работи.
Радев им се заблагодари и на бугарските европратеници кои, како што рече, ја информирале европската јавност за случајот, како и на претседателката Јотова за нејзината „јасна и категорична позиција на највисоко ниво“.
„Како што велам, ние не се мешаме, но овој процес се развива и целокупниот однос кон Ива Михаилова е спротивен на здравиот разум и на основните хумани принципи“, изјави Радев.
