| |

Радев за можна средба со Мицкоски: Нема што ново да си кажеме со претседателот на Владата на Северна Македонија

„Политичкото раководство на Северна Македонија упорно оди против интересот на своите сопствени граѓани – да ја имаат побрзо заслужената европска интеграција. Политиката на највисоко ниво во државата за наметнување говор на омраза, за недостиг на каква било толеранција, за изопачување на историјата, за претворање на историјата во инструмент во меѓународните односи – тоа нема да доведе до ништо добро, газењето на човековите права. Не заборавајте зошто токму Бугарија успеа да го наметне во ЕУ, со разбирањето на сите земји членки, впишувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија – токму заради заштитата на нивните исконски права“, изјави премиерот на Бугарија Румен Радев, пренесува 24 часа.

Запрашан дали би побарал запирање на европските средства за Северна Македонија, тој одговори: „Ќе направиме сè што е потребно за да го заштитиме бугарскиот национален интерес. Кога пред години ја претставував Бугарија во Советот на ЕУ, бев сам против сите. Сите останати земји членки инсистираа пред мене, еден по друг, нивните лидери, да ја пуштиме Северна Македонија за да може веднаш да започне преговори за членство. Успеав да ги убедам сите тие лидери да го променат својот став, да го разберат проблемот со почитувањето на човековите права, за да можеме да го поставиме најправедното, а имено впишувањето на Бугарите во Уставот и исполнувањето на договореното, особено според вториот протокол од нашиот договор со Северна Македонија. Сега, кога отидов на првата средба во Црна Гора, видов сериозни отстапувања во позициите на тие лидери и сега јас повторно треба да вложам максимални напори за да ги убедам каде и како треба да се држи Европа како еден заеднички сојуз, за да ги браниме интересите и правата на сите граѓани во овој сојуз. Има расколебување во позицијата на низа европски лидери за ова време во кое ме немаше во ЕУ. Некој не си ја вршел работата и сега повторно треба да вложуваме напори за да ги убедиме лидерите дека консензусот постигнат во 2022 година треба да се почитува“.

На прашање дали Северна Македонија покажува вистинска желба за членство во ЕУ, премиерот одговори: „не“. „Политичкото раководство на Северна Македонија прави сè што е можно за да го оддалечи членството на својата земја во ЕУ“, изјави уште Радев.

Запрашан дали е можна средба меѓу него и премиерoт на Северна Македонија Мицкоски, Радев беше категоричен дека „нема место за таква средба, затоа што проблемот не е билатерален. Мицкоски има проблем со ЕУ. Република Северна Македонија треба да ја убеди ЕУ дека ги почитува човековите права и може да ја гарантира безбедноста на сите дипломатски претставништва на нејзина територија. Тие очигледно не се справуваат и големиот проблем е што ова политичко раководство не само што не открива, не казнува досега такви палења, туку сторителите дури се стимулираат и се користат во предизборни кампањи. Додека нема јасно утврдени принципи на владеење на правото, додека нема последици за извршителите на такви недостојни дела, нема како да се случи – ние немаме што повеќе да си кажеме со претседателот на Владата на Северна Македонија, тој треба да ѝ објаснува на ЕУ, на ЕК како конечно тие ќе ги постигнат критериумите за членство“, категоричен беше Радев.

Слични Објави