„РАЃАЊЕТО НА ФРУШКА ГОРА“ И „КАРПИ – СКРИЕНИ БОИ И ФОРМИ“ ВО ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ

Во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје, по повод Денот на музеите се поставени две тематски изложби „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“,на Дарко Тимотиќ …

„Раѓањето на Фрушка Гора“ е геолошко-палеонтолошка изложба, која е од исклучително научно и едукативно значење. Во рамки на изложбата ќе бидат изложени преку 230 фосилни родови и видови.

Станува збор за фосилни остатоци на морска и слатководна фауна: школки, полжави, корали, брахиоподи и ежови од горна креда (пред околу 70 милиони години) и неоген (од пред 16 до 5 милиони години), копнена вегетација (од пред околу 30-25 милиони години) и долен миоцен (од пред околу 20 милиони години), како и остатоци од плиоценски цицачи од пред околу 100 илјади години.

Покрај фосилниот материјал, на изложбата ќе бидат прикажани и пресеци на магматски, метаморфни и седиментни карпи од Тетискиот океан (од пред околу 250 до 40 милиони години) кои говорат за геолошката градба на Фрушка Гора. Изложбата ќе биде надополнета и со 20 постери во различни големини.

Во рамки на изложбата „Карпи – скриени бои и форми“ пак, авторот Дарко Тимотиќ на повеќе од 30 фотографии од уметничка гледна точка преку најинтересните примероци на карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет, ќе ни ја долови убавината на геолошкиот диверзитет, со посебен акцент на примероци од различни локалитети во Србија.

Избраните фотографии, печатени на сликарско платно ќе го побудат размислувањето и интересот на посетителите, како и на пошироката заедница, за запознавање со минералите, карпите и фосилите, што ќе придонесе за поголем интерес за појавите во природата, нивното зачувување и негување. Една од целите на оваа изложба е токму зголемување на свеста на поединецот и општеството за потребата од еколошки пристап во зачувувањето на природната средина и геолошкото наследство.

Изложбите се реализираат со поддршка на Министерството за култура, а за јавноста ќе бидат отворени до септември. Тие се резултат на соработката на Природонаучниот музеј соПокраинскиот завод за заштита на природата од Нови Сад, Република Србија, во чиј состав работи и природонаучно музејско одделение.