|

Речиси 60 членови на култ во Кенија се изгладнувале до смрт

Полицијата пронашла 58 тела во масовна гробница во источна Кенија, а се чини дека тие се членови на христијански култ кои верувале дека ќе одат во рајот доколку умрат од глад.

Британскиот весник Гардијан наведува дека во изминатите два дена бројот на загинати постојано се зголемува поради новите ексхумации, а вкупниот број на загинати би можел да биде и поголем. Според Црвениот крст, 112 лица се водат како исчезнати во Кенија.

Водачот на „Меѓународната црква на добри вести“, Пол Мекензи Нтенге, беше уапсен по извештаите дека најмалку 31 следбеник на неговиот култ биле закопани во плитки гробници во шумата Шакахола.

Полицијата трага по преживеаните членови на култот, а само тимовите за пребарување и спасување имаат пристап до шумата од 325 хектари во близина на крајбрежниот град Малинди. Нтенге ѝ се предаде на полицијата и беше обвинет минатиот месец откако две деца по насока на нивните родители умреа од глад до смрт, јавуваат локалните медиуми цитирани од Гардијан.

Нтенге одби да јаде и пие во притвор и е ослободен со кауција од сто илјади кениски шилинзи. Локалните политичари побараа од судот да не го ослободува поради ширењето на култови во областа околу Малинди.

Полицијата уапсила шест следбеници на Нтенге, а при претресот на неговиот имот пронашла 15 изнемоштени лица, од кои четворица подоцна починале. Еден член на култот пронајден од властите сепак одбил да јаде и покрај тоа што е очигледно во сериозна состојба, рече Хусеин Калид, член на Хаки Африка, група за човекови права која го пријавила случајот во полиција.

„Во моментот кога беше донесена овде, таа апсолутно одби да и биде пружена прва помош и цврсто ја затвори устата, сакајќи да продолжи да гладува додека не умре“, рече Калид.

Министерот за внатрешни работи Китуре Киндики на Твитер објави дека се работи за најочигледна злоупотреба на уставното право на слобода на вероисповед.

Тој додаде дека државата продолжува да ја почитува верската слобода, но одговорните за злосторството ќе добијат строга казна. Во иднина ќе мора да има построга регулација на секоја црква, џамија, храм или синагога, рече тој.

Слични Објави