Бугарската и украинската стопански комори подготвуваат заеднички бизнис форум во Софија во октомври
Стопанските комори на Бугарија и Украина активно работат на организирање на Бугарско-украински бизнис форум што ќе се одржи во октомври во Софија, објави Бугарската стопанска комора (БСК) на својата интернет-страница, пренесува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Претседателот на Украинската стопанско-индустриска комора, Генадиј Чижиков, се сретна со претседателот на БСК, Цветан Симеонов. Средбата се одржа во присуство на Владимир Дадасов, заменик-претседател на Украинско-бугарската стопанска комора. Главна тема беше подготовката и организацијата на претстојниот бизнис форум, кој претставува продолжение на минатогодишниот билатерален настан.
Чижиков истакна дека постои значителен потенцијал за соработка меѓу украинскиот и бугарскиот бизнис сектор, особено во областа на земјоделството и прехранбената индустрија, транспортот и логистиката, како и енергетиката. Разменети беа идеи за учесниците и логистиката на самиот форум.
Во текот на разговорите, Чижиков ги информираше домаќините за актуелната економска состојба во Украина и нагласи дека Украинската комора продолжува да ги поддржува своите членки, и покрај предизвиците.
Дополнително, беа дискутирани и претстојни меѓународни иницијативи, вклучувајќи го и 14-тиот конгрес на Светската федерација на стопанските комори (ICC WCF), кој ќе се одржи од 2 до 4 септември во Мелбурн, Австралија.

