|

Редовен репертоар и четири театарски премиери во март во Скопје

Четири премиери и многу претстави од редовниот репертоар е понудата на театарските куќи во главниот град во месец март….

На големата сцена на Македонскиот народен театар, вечерва и утре вечер ќе се игра претставата „Животот е прекрасен“, на 7 и 19 март на репертоарот е „Не се клади на Енглези“, а потоа следат претставите „Мајсторот и Маргарита“ (9 и 10 март), „Авантурите на Аладин“ (14 и 15 март) и на 20 март за мјузиклот „Мама миа“. На малата сцена пак на репертоарот се претставите „Брачна игра“ (2 и 19 март), „Тероризам“ (3 и 16 март), „Госпоѓиците од Авињон“ (5 март), „Говорна мана“ (6 и 13 март), „Силјан штркот“ (7 и 21 март), „Кец на десетка“ (8 и 17 март) и претставата „Квартет“ (12 март). На малата сцена во четврток на 22 март ќе биде одиграна претставата „Разговор во четири очи“ која пак на 31 март ќе гостува и во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, додека на 26 и 27 март оваа сцена е резервирана за премиерната изведба на дипломската претстава на Факултетот за драмски уметности од Скопје „Дух“. Ансамблот на МНТ за крајот на месец март (31 март) ја закажа и втората премиера годинава. Станува збор за претставата „Без галама“ за која генералната проба е закажана еден ден претходно.

Мартовскиот репертоар на Драмски театар започнува утре со претставата „Лет над кукавичјото гнездо“ која ќе се одигра и на 9 и 27 овој месец. Следуваат претставите „Снежана и седумте џуџиња“ (3 и 17 март), најновата претстава „Како да се ограби банка“ ( 6, 13, 23 и 31 март), по што следуваат „2012- последните Македонци“ (7 и 30 март), „Секс, дрога и рок ен рол“ (8 и 20 март) и култната „Солунски патрдии“ (14 и 28 март). До крајот на месец март љубителите на театарот ќе можат да ги погледнат и претставите: „Европа во годината 1942“ на 19, „Чолак“ на 20, „Вера, надеж, љубов“ на 22 и на 24 март претставата „Атена со пенис“.

Ансамблот на Театарот Комедија во месец март ќе ги одигра хитовските претстави „Стујардеси“ (2 и 17 март), „Вардарски пастуви“ (3 и 16), „Чао пријатно“ (4 и 18), „Бракот е брак“ (5 и 19), „Жена ми се вика Борис“ (8 и 20), „Дони Дарк“ (9 и 22), и „Првин ќе ме земеш…“ (10 и 21март) . Следуваат претставите „Нешто пропуштаме“ (12 март), „Сон на летната ноќ“ (13 и 29) и „Мечка“ (15 март). На крајот на месецот односно на 25 и 26 март ќе се одржи генералната проба и претпремиерата, а на 27 март премиерата на претставата „Не сега драга“. Првата реприза на претставата е закажана за 30 март.
На сцената во Театар Комедија, вечерва во 20 часот, ансамблот на Турскиот театар ќе ја одигра претставата „Среќна нова година“ во режија на Бојан Трифуновски. Претставата се изведува со титл на македонски јазик. На истата сцена ансамблот на Албанскиот театар пак, на 6 и 28 март ќе ја одигра претставата „Жените“, а на 5 март во Детскиот театарски центар ќе ја изведе претставата „Вечера на ронките“. Станува збор за претстави од хуманитарен карактер, а средствата ќе бидат наменети за медицински третман на режисерот Беким Луми. Овој месец (12 март) во Детскиот театарски центар актерите од Албанскиот театар ќе ја изведат претставата „Плавиот кучето“ од Кибиролу, во режија на Али Волкан Четинкаја.

Најмладите овој месец ќе можат да уживаат во богатство од бои и ликови од познати и нови бајки, во изведба на ансамблот на Театарот за деца и младинци. Денеска, на 8 и на 31 март на репертоарот на овој театар се урнебесните авантури на ликовите од претставата „Мачорот во чизми“. Потоа следуваат претставите „Пепелашка“ ( 2 и 29 март), „Грдото Пајче“ (3 март), „Пига мега бајка“ (4 и на 16 март). На 9, 10 и 11 март на репертоарот се претставите „Снежната кралица“, „Пипи долгиот чорап“ и „Могли“, по што следуваат претставите „Волшебната флејта“ (15 и 25 март), „Дванаесетте месеци“ (17 и 24 март) и авантурите на „Петар Пан“ (18 март). Дваесет и први март, во 20 часот, во Театарот за деца и младинци е резервиран за премиерната изведба на претставата „Еднаш свет изградив“. До крајот на месецот следуваат и претставите „Лакомата меца“ (22 март), „Волшебникот од ОЗ“ (23 март) и на 30 март на репертоарот на театарот за Деца и младинци е претставата која има за цел подигање на еколошката свест кај најмладите„Цветната улица“.



Слични Објави