РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА ВОСПОСТАВИ СОРАБОТКА СО ФРАНЦУСКИОТ РЕГУЛАТОР CRE

//

По покана од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Француската Република – Commission de régulation de l’énergie (CRE), Жан-Франсоа Каренко, делегација на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (Регулаторна комисија за енергетика) предводена од претседателот Марко Бислимоски, на 3 и 4 јуни 2019 година престојуваше во работна посета на CRE во Париз.

Посетата беше искористена за размена на информации и искуства во однос на функционирањето на пазарите на мало и големо со електрична енергија и природен гас, предизвиците со кои се соочуваат електроенергетските системи во Југоисточна Европа во споредба со земјите од ЕУ, како и согледување потенцијални теми и области за понатамошна соработка во доменот на регулација на пазарите на енергија.

Во однос на пазарите на мало особено беа разгледани корелациите помеѓу регулираниот и слободниот сегмент на пазарите, структурата на тарифите, употребата на паметни броила, достапност на алатки за споредба на цени, како и пристапот и активностите за мониторинг на пазарите на мало, со особен фокус на индикаторите што се користат за анализа на функционалноста на пазарите, софтверски алатки за обработка на податоци, како и во однос на детектирање тактики и активности за злоупотреба на доминантни пазарни позиции, пазарни манипулации и нелојална конкуренција и преземање соодветни активности за нивно надминување и/или санкционирање.

Кај пазарите на големо со електрична енергија и природен гас беа разгледани нивната функционалност и клучните карактеристики, како и пристапот на мониторинг во контекст на имплементација на РЕМИТ-регулативата од страна на CRE и процедурите за размена на податоци и соработка со Агенцијата за соработка на енергетските регулатори ACER.



На крајот од работната посета беше заклучено дека соработката помеѓу двете регулаторни тела има потенцијали за продлабочување и во следниот период ќе се организира возвратна посета од CRE на Регулаторната комисија за енергетика со цел да се дефинираат конкретни активности кои заеднички би можеле да се реализираат во иднина.

Извор: Макфакс



Претходна статија

ИМАЛО БЕТЕР СПОРТОВИ: ВАРДАР НЕ Е ЕВРОПСКИОТ ПРВАК СО НАЈМАЛА ПРЕМИЈА!

Следна статија

ЏАНИ ИНФАНТИНО ЌЕ БИДЕ НА ЧЕЛО НА ФИФА ДО 2023 ГОДИНА

Најново од Вести