|

Реизбрани пет обвинители во Обвинителството за организиран криминал и корупција

Марија Ѓорѓиева, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу Леши, Ивана Трајчева и Сузана Мирческа Кузмановска се реизбрани за обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на денешната седница на Советот за јавни обвинители.

Во обвинителството предводено од Вилма Русковска, ќе се приклучат обвинителите кои и досега беа дел од ова обвинителство, меѓутоа мандатот им заврши во февруари.

На денешната седница, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, истакна дека ќе ги поддржи досегашните обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на кои им истече мандатот.

– Станува збор за професионални и самостојни обвинители кои со успех ги извршуваат доверените работи. Тие постапуваат по многу сложени предмети и нивно евентуално неизбирање ќе значи пролонгирање на тие предмети, рече тој, дополнувајќи дека инвестирано во нивната подготвеност за постапување по предмети од организиран криминал.

Други обвинители кои конкурираа, но не добија мнозинство гласови се Арсим Адеми, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова и Златко Биковски. На конкурсот беше пријавена и обвинителката Имран Османи, но таа добила негативна оцена од Вишото обвинителство поради што не ги исполнуваше условите.

Извор: Zoom. mk



Слични Објави