Режисерката на спектаклот „Бeз крв“ Дијана Добрева преку емотивна порака на Facebook им се заблагодари на сите вклучени во проектот
По освојувањето на три престижни награди „Аскеер“ во Бугарија, преку својот Facebook профил, режисерката Дијана Добрева се обрати со емотивна порака и благодарност до сите што го поддржале спектаклот „БЕЗ КРВ“.
Во својот статус, Добрева ја истакна честа што копродукцијата на Драмскиот театар Пловдив и Театарот „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес беше прогласена за најдобра претстава, а таа лично доби признание за најдобра режија. Претставата доби награда и најдобра костимографија дело на Раде Василев и Елена Вангеловска.
„Благодарност до Драмскиот театар од Пловдив и театарот Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“, од Северна Македонија, за храброста да градат мостови таму каде што очигледно само театарот и уметноста можат. Благодарност и до Бугарскиот културен центар во Скопје за нивната соработка и поддршка“, стои во постот на Добрева.
Во својот пост, таа посебно ги истакна Сјузанна Арутјунјан-Василевска, Крсто Крстов и Сашо Димоски – клучните фигури во реализацијата на проектот, креативниот тим, вклучувајќи ги Александар Секулов (драматург), Валентин Светозарев (сценограф) и Олга Панго (кореограф) и не на последно место сите актери што зедоа учество во претставата.
„Овој спектакл е чекор напред кон свет малку помилостив и без крв“, пишува Добрева.

