РОДЕНДЕНСКА ДРУЖБА СО ЛИЦАТА ОД ДОМОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“

Истакнато Култура Македонија

По повод роденденот на општина Карпош, денеска, градоначалникот Стефан Богоев го посети Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, кој е во состав на ЈЗУ Геронтолошкиот завод „13-ти Ноемви“.

– Општина Карпош прославува 42 години од своето постоење, и за таа цел, веќе две недели, имаме бројни активности со кои го одбележуваме, за нас, овој значаен датум. Во тој контекст е и денешната посета на Домот „Мајка Тереза“, со цел да ги посетиме оние кои ни се блиски и драги, а кои живеат тука во нашата општината. Идната недела е и Вашиот јубилеј – 60 години од постоењето на Геронтолошкиот завод, така што, тоа е уште еден повод да се подружиме и да поминеме пријатни мигови заедно, им порача градоначалникот Богоев на постарите лица кои престојуваат во оваа установа.

Во оваа пригода, тој на сите жители на овој дом, им врачи пригодни подароци, 70 пакети со кондиторски производи и средства за лична хигиена.

Во топла атмосфера, со весела игра и песни од најмладите-дечиња од градинката „Орце Николов“, постарите жители на Карпош минаа еден час во разговор со својот градоначалник и вработените во Одделението за социјална, детска и здравствена заштита, а домаќини на гостите од Општината беа директорката на ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ – Скопје д-р Салија Љатиф Петрушовска и Дејан Петров, раководител на одделот „Мајка Тереза“.

На овој начин Општината уште еднаш ја потврди континуираната грижа што ја води за најстарите жители од својата територија.