АДЕМИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА РОМСКИОТ ЈАЗИК

Вести Истакнато Македонија

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа свеченост по повод одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, 5 Ноември. На свеченоста, пред присутните се обрати и министерот за култура Асаф Адеми.

„Одбележувањето на овој ден претставува значаен чекор во зачувувањето, развојот и афирмацијата на ромскиот јазик. Тој претставува  неделив дел од идентитетот на ромската заедница, кој, заедно со богатата култура,  е составен дел и од историјата на земјите во регионот. Во тој контекст, сакам да истакнам дека една од заложбите на Министерството за култура е токму негувањето и унапредувањето на традицијата и културата на сите народи што живеат во Република Македонија, вклучително и на ромската заедница, притоа создавајќи услови за зачувување на нивниот национален и културен идентитет“, истакна министерот за култура Адеми. Тој пред присутните ги нагласи заложбите на Министерството за култура  за поддршка на сите активности и проекти во рамките на Годишната програма од национален интерес кои се поврзани со негувањето на културата на Ромите во Република Македонија.

Свои обраќања пред присутните имаа и: Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија; Арбер Адеми, министер за образование и наука; Самка Ибраимоски, пратеник во Собранието; како и Вељко Кајтази, пратеник во Собранието на Република Хрватска.