Ројтерс: Брисел веќе не може да гарантира дека земјите од Западен Балкан ќе станат дел од Унијата
Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји, меѓу кои и Северна Македонија, воопшто ќе бидат примени во ЕУ, пишува Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати и еден документ. Според материјалот објавен во овој угледен медуим тоа се случува поради страв од можни реакции во земјите членки, јавува Слободен печат.
Во документот кој претставува предлог-заедничка изјава за претстојниот самит ЕУ-Балкан, закажан за 6 октомври, пишува дека ЕУ планирала во изјавата Унијата да ја реафирмира својата „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“. Но, според дипломатските извори на Ројтерс, земјите членки и по две рунди разговори, сѐ уште не постигнале согласност за оваа формулација.
Според изворите на Ројтерс Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на избрзаната интеграција на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007-та година, и лошото менаџирање на миграцијата на работната сила од Источна кон Централна Европа и Британија.
Земјите членки што го поддржуваат проширувањето, како Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Балтичките земји, ги критикуваат Франција и Германија дека не извршиле доволно притисок врз Бугарија да го симне ветото за Северна Македонија, стои во материјалот на Ројтерс.

