Ротација во Ново Село: Италија ја смени командата на борбената група на НАТО
Полковник Стефано Катанија ја презеде командата со Мултинационалната борбена група на НАТО во Бугарија, на церемонија одржана на воениот полигон „Ново Село“, јавува Армимедија.
Катанија го наследи полковник Матео Епифани, кој по завршувањето на осмата ротација му ги предаде знамето на Алијансата и ознаките на борбената група. Италија е рамковна држава на формацијата, во која учествуваат припадници на вооружените сили на десет сојузнички земји.
На церемонијата беше истакнат придонесот на досегашната ротација во зголемувањето на борбената готовност и оперативната подготвеност на силите на НАТО на југоисточното крило.
Командантот на Мултинационалната дивизија „Југоисток“, генерал-мајор Корнел Тонеа-Балан, ѝ се заблагодари на Бугарија за поддршката како земја-домаќин, како и на сите држави што учествуваат во борбената група.
Тој оцени дека припадниците на формацијата покажале висок професионализам, дисциплина и посветеност и успешно реализирале повеќе вежби и обуки во Бугарија, Романија и Словачка.
Досегашниот командант Епифани изјави дека главната цел на ротацијата била создавање подготвена, интегрирана и кредибилна сила, способна да придонесе за одбраната на југоисточното крило на НАТО и ефикасно да дејствува со бугарските и сојузничките сили.
Новиот командант Катанија досега раководеше со Четвртиот тенковски полк во состав на италијанската бригада „Гарибалди“. Тој има долгогодишно искуство во италијанската армија и во меѓународни структури и формации на НАТО.
Главната задача на Мултинационалната борбена група во Бугарија е зајакнување на колективната одбрана и одвраќањето на источното крило на НАТО преку заедничка обука и подобрување на оперативната соработка меѓу сојузничките сили.

