|

Руски брачен пар oрганизирал грабежи на богатите Украинци во Шпанија

Шпанската полиција уапси седуммина Украинци и тројца Руси осомничени дека ги ограбиле куќите на богатите Украинци кои избегале од војната околу јужните градови Аликанте и Мурсија.

Кај уапсените биле пронајдени часовници, парфеми, мобилни телефони, чанти, накит, очила за сонце и електронски уреди во вредност од над 1,25 милиони евра, се наведува во соопштението на шпанската полиција.

Руската инвазија на Украина започна на 24 февруари 2022 година, по што илјадници Украинци се упатија кон Западна Европа. Шпанија беше една од земјите на Европската унија во која пристигнаа во голем број. Четири месеци подоцна, некои од нив, кои живееле во градовите Торевиеја и Орихуела Коста, забележале дека нивните куќи биле провалени.

Пријавиле во полиција, Цивилнаta гарда започнала истрага.

Инспекторите забележале седум Украинци „специјализирани за следење и ограбување на богати Украинци“. Двајца од таа група побарале статус на бегалци во Шпанија.

„Таа група забележа дека пристигнуваат се поскапи автомобили со украински регистрации“, изјави портпаролот на Цивилната гарда во телефонски разговор за „Хина“. „Луѓето дојдоа со сите нивни заштеди и скапи работи, па станаа цел на таа група“, додаде тој.

Членовите на групата незабележливо прикачувале мал уред, како магнет, на нивните автомобили, кој подоцна ќе им ја каже локацијата на автомобилот преку системот за навигација GPS. Потоа со својот автомобил ги следеле обележаните автомобили на Украинците за кои мислеле дека се богати. На тој начин дознавале каде живеат, а потоа преку ГПС дознавале и кога нивните автомобили не се дома, односно кога нема никој дома.

Откако ја проучувале секојдневната рутина на жртвите, тие оделе во нивните куќи и влегувале внатре.

„Една од жртвите отпатувала во Германија и дури кога се вратила открила дека станот и бил ограбен“, рече портпаролот.

Организацијата имала поддршка од руски брачен пар и нивниот син, кои им ги давале автомобилите со кои ги следеле жртвите и ги ограбувале нивните куќи, понекогаш среде бел ден, соопшти Цивилната гарда.

Инспекторите ги следеле осомничените, а потоа извршиле претрес во седум од нивните куќи.

Кај нив пронашле 92.700 американски долари и 92.065 евра. Исто така, накит и скапи часовници, чанти, парфеми, очила за сонце, мобилни телефони, електронски уреди и лаптопи. Во една куќа се откриени два колекционерски албуми со поштенски марки вредни 500.000 евра, кои биле украдени во блискиот град.

Пронајдени се и геолокациските елементи кои биле користени за контрола на возилата на жртвите, како и уреди за поништување алармни уреди и алатка за брави“, соопшти Цивилната гарда.

Таа уапсила седуммина Украинци и еден руски пар и нивниот син. Тие се осомничени дека ограбиле седум куќи во околината на крајбрежниот град Аликанте и една во близина на Мурсија од која однеле предмети вредни над 1,25 милиони евра.

Тие се изведени пред истражен судија, кој седуммина од нив ги испрати во притвор до почетокот на судењето. Идентитетот на уапсените не е соопштен.



Слични Објави