РУСКИОТ ОПОЗИЦИОНЕР НАВАЛНИ ОТРУЕН?

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални (44) е во болница откако наводно бил отруен, пишува „Гардијан“. Неговиот портпарол Кира Јармиш тврди дека е без свест и дека бил отруен од некој што ставил отров во чајот.

Јармиш вели дека Навални се разболел во четвртокот на летот од Томск кон Москва. Авионот слетал итно во Омск, а Навални бил пренесен во болница, каде во моментот е на интензивна нега.

“Претпоставуваме дека Алексеј (Навални) бил отруен, од нешто што се мешало во неговиот чај. Тоа беше единственото нешто што пиеше утрово. Лекарите велат дека отровот работел побрзо бидејќи пијалокот бил жежок. Алексеј во моментов е во несвест “, напиша Јармиш на Твитер.

Таа вели дека пред една година Навални исто бил отруен кога беше во затвор и кога имал силна алергиска реакција.

Навални, кој со години води политичка борба против актуелниот руски претседател Владимир Путин, ги користеше протестите во Белорусија против претседателот Александар Лукашенко за да ги убеди Русите да ги поддржат кандидатите што ги поддржува на претстојните локални избори.

Затоа Навални беше во Томск, а ги посети и другите сибирски градови каде треба да се одржат избори. Околу 40 милиони избирачи ќе учествуваат на изборите, што ќе се одржат следниот месец.