„Русофилството” како алтер-его на србофилството

//

Пишува: Никица Корубин (facebook статус на авторката)

Веста гласи вака и е изјава на министерот за правда, а не вест од хумористичен карактер:
„Двете пошти работат на решение пратките да се упатуваат директно кон Бугарија, а не преку Белград како што е до сега, со децении. Во 21 век, во дигитализиран начин на комуникација, навистина нема ниту една причина една пратка од Скопје до Софија да патува преку Белград“ рече Маричиќ.
Нормално, останува “под радарот” како и многу други вести деновиве, но е одличен пример за менталната зависност на дел од јавноста, а можеби и друга зависност на друг влијателен дел од општеството од “главниот” авторитет, Белград. И можеби е илустрација за нешто поважно деновиве: вештачкото русофилство што делумно отворено, а многу повеќе прикриено, се форсира на различни креативни начини. Дали “нашето” русофилство е всушност друг термин за отвореното србофилство (србоманство). За разлика од Србија, која има историјат на длабоки односи со Русија, за Македонија тоа ни оддалеку не може да се каже. Па, всушност “нашите русофили” како и за многу други нешта и во секоја друга прилика, освен оваа, познати како “србомани” го следат гласот и аберот од Белград; така и сега, слично како и поштата што до Софија патувала преку Белград, веројатно за верификација на својот став, го следат ставот на “авторитетот”.
И не верувам дека било кој, може да даде било какво логично објаснување, зошто независна држава својот поштенски сообраќај и пратки со Бугарија, во 2022 година, после 30 години независност, би го оддржувала преку Белград (патем речено, два пати подалеку од Софија), освен како реминисценција од минатото, а потсетник за сегашноста, што Белград всушност бил за нас, освен формално главен град: контрола. Само што чудна е таа “контрола”, денес, освен можеби за оние кои без неа и не можат, не знаат, а веројатно и не сакаат да функционираат.
Така што, кога деновиве ќе видите ретки експлицитни, русофилски изблици, па дури и отворена поддршка на апсурдниот, нелогичен и агресорки наратив; а уште повеќе ќе посведочите на скриени, меки пораки, се’ почесто почестени со медиумски простор, завиткани во обландата кои варираат од “само да има мир”, преку “ЕУ не’ не сака”, до елаборации на желбата за “автократи какви што сакал народот”; проверете ги истите, да не имаат и отворени анти-албански и анти-бугарски ставови. Затоа што тоа обично оди во пакет. Слично како и оној поштенскиот, прво во Белград, па потоа на крајната дестинација. Баш примерно за една независна држава, членка на НАТО и кандидат за ЕУ.
Театар на апсурдот. Или не? Се’ е јасно, за оној што сака да види.





Претходна статија

Петков за апсењето на Борисов: Никој не е над законот- во тек е проверка на европското Обвинителство

Следна статија

Министерството за надворешни работи на Бугарија: РСМ да прекине со циничните дејства против Бугарија

Најново од Истакнато