| |

САД го објавија „Извештајот Кремљ“

Министерството за финансии на САД го објави долгоочекуваниот “Извештај Кремљ” – листа на лица, дел од руското државно раководство или блиски до него, кои може да попаднат под ударите на новите санкции на Вашингтон поради интервенцијата на Русија во американските претседателски избори во 2016 година, објавија американски и руски медиуми.

Во извештајот, кој Министерството за финансии го претстави на Конгресот на САД, фигурираат 210 лица: 114 високи руски политичари и чиновници и 96 олигарси кои за време на владеењето на рускиот претседател Владимир Путин се фаворизирани од владеачката гарнитура и добиле големи богатства.

Објавувањето на листата, сепак, беше придружено со изненадувачка порака од Белата куќа дека американската администрација нема да казнува никого од Русија засега. Некои американски конгресмени го обвинија претседателот Доналд Трамп дека и дава на Русија преголем простор за активност.

Во листата се вклучени премиерот Дмитриј Медведев, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, првиот вицепремиер Игор Шувалов, како и останатите вицепремиери Дмитриј Рогозин, Виталиј Мутко, Аркадиј Дворкович, Сергеј Приходко, Дмитриј Козак, министерот за енергетика Александар Новак, министерот за одбрана Сергеј Шојгу, министерот за финансии Антон Силуанов и други.

Во извештајот влегуваат и шефовите на “Роснефт” (Игор Сечин), “Росатом”, “Аерофлот”, “Ростех” и др. големи руски компании, како и највисокото раководство на претседателската администрација, вклучувајќи го и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во списокот можат да се видат и имињата на претседателите на двата дома на рускиот парламент – Државната дума и Советот на федерацијата, односно Вјачеслав Володин и Валентина Матвиенко. Други познати високи руски функционери во листата се Сергеј Наришкин и Николај Патрушев, како и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин.

Началникот на руската армија Владимир Герасимов, главниот обвинител Јуриј Галеб и началникот на ФСБ Александар Бортников исто така вклучени во „црната“ листа.

Меѓу најпопуларните имиња на олигарси во листата се шефот на “Газпром” Алексеј Милер, шефот на “Лукоил” Вагит Алекперов, Олег Дерипаска, Алишер Усманов, Роман Абрамович, Михаил Прохоров, Евгениј Касперски, Владимир Потанин, Михаил Фридман, Владимир Евтушенков и др.

Извештајот на Министерството за финансии на САД, исто така има и таен дел.

Слични Објави