| |

Д-р Е. Јусуфоски: Старите партии имаа можност да го подобрат македонското здравство, но за жал не го направија тоа

Д-р Енсер Јусуфоски е роден 02.11.1977 година во Кичево Р.Македонија. Основно и средно образование завршува во Кичево. Во 2002 година дипломира на Медицинскиот факултет во Софија. Од 2004 до 2012 год. работи како матичен лекар во неколку приватни здравствени ординации во Кичево и кичевско. Од декември 2012 год. работи во ЈЗУ општа болница Кичево како д-р. во секундарно здравство со договор за специјализација за оториноларингологија на клиниката за Уво нос и грло во Скопје. Во моментот е специјализант на клиниката за Уво, нос и грло -Скопје. Д-р Енсер Јусуфоски е член на Иницијативниот Комитет за формирање на политичката партија Граѓанско Демократска Унија (ИК на ГДУ)

Трибуна: Д-р Јусуфоски, каква според Вас е состојбата на македонското здравство во моментот?

 Д-р Јусуфоски: За жал можам да кажам дека состојбата во македонското здравство на сите нивоа на здравствена заштита е во очајна состојба. Почнувајќи од примарното здравство, секундарното и на крај нај високото терциерно здравство, сите тие се наоѓаат во една многу тешка состојба како со човечки ресурси, техничка и друга инфраструктура исто така и со законска регулатива која во многу случаеви повеќе допринесува за попречување отколку за олеснување на работата на здравствените работници. Од друга страна пациентите кои се приматели на услуги секојдневно се среќаваат со најразлични технички проблеми со системот мој термин или доколку се пациенти што лежат во болница, понекогаш мораат да си набавуваат сами лекови а храната која ја добиваат за жал е еднолична и често пати несоодветна за пациентите со различни заболувања. Фондот за здравство наплаќа за сите тие услуги можеби и по цени повисоки од потребните за пациентите да добиваат варени јајца, зденка и јогурт, кои доколку се испитаат незнам дали ќе имаат сѐ како што е декларирано на амбалажата.

Трибуна: Дали токму тие сознанија Ве натераа да се активирате во политиката станувајќи дел од Иницијативниот комитет за создавање на Граѓанско Демократската Унија?

 Д-р Јусуфоски: Да, тоа е една од причините кои ме поттикнаа да станам дел од иницијативниот комитет за создавањето на новата политичка партија Граѓанско демократска Унија бидејќи и јас како дел од здравствениот систем на Р.Македонија односно давател на здравствени услуги секојдневно заедно со останатиот медицински персонал се трудиме да им излеземе во пресрет на потребите на болните.

Трибуна: Зошто го одбравте потешкиот пат, влегувајќи во иден политички проект, а не се активиравте во некоја од веќе „докажаните“ политички партии?

 Д-р Јусуфоски: За жал веќе постоечките големи и традиционални партии на македонскиот политички пазар имаа доволно време и можности да се посветат и да направат повеќе за здравството во Р.Македонија кое за жал веќе е во состојба на интензивна нега.

Трибуна: Какво е Вашето мислење за новиот министер за здравство и неговата екипа? Дали сметате дека тие ќе успеат да ја подобрат состојбата во ресорот, што се наоѓа под негова одговорност?

Д-р Јусуфоски: Новиот министер  е мојот многу почитуван колега Венко Филипче, неврохирург, кој има големо искуство во неговата неврохируршка гранка и се докажал во многу тешки и комплицирани ситуации, спасувајќи многу човечки животи- нешто за што заслужува огромна почит! Во однос за неговиот тим од помошници како прво немам доволни информации дали има промена во составот но мислам дека доколку тие се раководат од потребите и цврстите и трајни решенија а не од теснопартиски и лични интереси би можеле да очекуваме некое поместување кон подобро.

Трибуна: Што можете да понудите како идеи за подобрувањето на целосната слика на македонското здравство, и што е поважно какви решенија имате за проблемите, што го мачат истото, од осамостојувањето на нашата држава до сега?

Д-р Јусуфоски: Како можни решенија што ќе допринесат за стабилизиранње на состојбата во здравството е да се направи целосна и темелна стручна а не партиска анализа на секое здравствено катче до државата и да се направат реални и во догледно време остварливи подобрувања. Мора да се доусоврши примарното здравство, потоа секундарното и на крај како врв на успехот клиничкиот центар во Скопје. За да функционираат сите тие решенија треба соодветна законска регулатива која ќе овозможи нормално функионирање на сите нивоа а не нивно блокирање. Промена на плаќањето од страна на фондот за здравствено осигурување и стандартизација на здравствените услуги на секое од нивоата.

Трибуна: Деновиве е актуелна темата околу изградбата на новиот Клинички центар во Скопје. Што мислите дали конечно ќе го видиме изграден, или истиот ќе остане само дел од предизборните кампањи на политичките партии и во иднина?

Д-р Јусуфоски: Би сакал во најскоро време да видиме нов клинички центар во Скопје ама не на постоечката локација. Најдобра локација би била надвор од Скопје достапна од сите страни со модерен европски дизајн. Во спротивно залудно ќе бидат потрошени милиони евра народни пари бидејќи сега доколку има некаква блокада на некоја од улиците околу Клинички, возилата на итната медицинска помош тешко доаѓаат до целната клиника. Поради големата гужва и немањето на паркинг места уште повеќе се отежнува движењето низ самиот клинички ценатар.



Слични Објави