САД и Европа разгледуваат нови санкции против Русија
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, во неделата потврди дека Вашингтон заедно со европските партнери разгледува воведување на нови санкции и секундарни царини против Русија поради војната во Украина, јавува БНР.
„Подготвени сме да го зголемиме притисокот врз Русија, но ни се потребни и нашите европски партнери да нѐ следат“, изјави Бесент за NBC.
Тој нагласи дека дополнителни санкции и царини против земјите кои продолжуваат да купуваат руска нафта би можеле да доведат до „целосен колапс“ на руската економија и да го принудат претседателот Владимир Путин да седне на преговарачка маса.
Минатата недела Бесент најави дека САД ќе ја преиспитаат својата санкциска политика кон Москва, имајќи ги предвид постојаните руски напади врз Украина. Во понеделник тој истакна дека Белата куќа внимателно ќе ги разгледа можните нови мерки во текот на оваа недела, со оглед на тоа што нападите продолжуваат и покрај неодамнешните мировни разговори.
„Мислам дека со претседателот Трамп сите опции се на маса и ќе ги разгледаме многу внимателно оваа недела“, рече Бесент во интервју за Fox News.
Тој исто така го обвини Путин дека направил „спротивно од она што го вети“ на средбите со американскиот претседател Доналд Трамп во Анкориџ, додавајќи дека „на еден беден начин ги интензивирал бомбардирањата“.
Изјавата на Бесент доаѓа само ден по најмасовната руска воздушна бомбардирања од почетокот на војната во Украина.

