САД се загрижени за ситуацијата на северот на Косово и бараат Србија да ја повлече војската
Првиот заменик советник за национална безбедност на Белата куќа Џон Финер изразил загриженост за настаните во северно Косово во разговор со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти Белата куќа.
Финер разговараше со Курти во четвртокот и го повика Косово да им дозволи на новоизбраните градоначалници да извршуваат функции од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општинските згради, соопшти Белата куќа. Тој ја поздрави и подготвеноста на Курти да работи на создавање услови за нови избори.
Соработник на Бајден вчера разговараше со Вучиќ и побара од Србија да ги повлече своите вооружени сили стационирани во близина на границата и да го намали нивото на будност, како и да ги повика демонстрантите да останат смирени, се вели во соопштението на Белата куќа.
Во двата повици, Финер, како што соопшти Белата куќа, изразил загриженост за настаните на северот на Косово и апелирал ситуацијата да се смири. Вашингтон, исто така, очекува двете страни повторно да се вклучат во дијалогот со Европската унија и целосно да го спроведат договорот за нормализација постигнат претходно оваа година.
Немирите се интензивираа на северот на Косово по изборите во април, кои беа бојкотирани од етничките Срби, а кандидатите на етничките Албанци победија во четири општини со мнозинско српско население на север. Етничките Албанци сочинуваат 90 отсто од населението на Косово.
Во судирите меѓу српските демонстранти и КФОР во понеделникот беа повредени 30 припадници на КФОР и 52 Срби. Поради насилството, НАТО најави испраќање дополнителни војници на Косово.