САД воведоа тешки санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“ и ги укинаа ограничувањата за користење на далекубојни ракети од Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, воведе големи економски санкции против двете најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“, откако, според него, Владимир Путин не бил „чесен и отворен“ во преговорите за завршување на војната во Украина, јавува БГНЕС.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, соопшти дека санкциите се воведени поради „упорниот одбив на Кремљ да стави крај на оваа бесмислена војна“. „Министерството за финансии воведува мерки против двете компании кои ја финансираат руската воена машинерија“, изјави Бесент.
Санкциите предвидуваат замрзнување на имотот и средствата на „Роснефт“ и „Лукоил“ на територијата на САД, како и забрана за американски компании и граѓани да водат деловни односи со нив. Бесент додаде дека ова е „една од најголемите санкции што некогаш биле воведени против Руската Федерација“.
Одлуката следува само еден ден откако беше откажана планираната средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта, поради, како што соопшти Вашингтон, „недостаток на напредок“ во мировните разговори.
Истовремено, администрацијата на Трамп ги укина клучните ограничувања за користење на западни далекубојни ракети од страна на Украина, дозволувајќи и да изведува удари врз руски воени и индустриски цели со поддршка од американски системи за насочување.
Според „Волстрит журнал“, оваа промена му овозможува на Киев да спроведува операции длабоко во руската територија, користејќи ракети „Storm Shadow“ и други западни системи.
Портпаролот на НАТО, полковник Мартин О’Донел, изјави дека „Украина има целосно право да напаѓа легитимни воени цели во Русија“.
Белата куќа соопшти дека санкциите и новата политика претставуваат дел од поширока стратегија за засилување на притисокот врз руската економија и одбранбена индустрија, сè додека Москва не покаже подготвеност за вистински мир.
