ЕС одобри нов пакет санкции против Русија насочен кон приходите од нафта и гас
Европската унија се согласи да воведе нови санкции против Русија поради војната во Украина, насочени кон ограничување на приходите на Москва од извоз на нафта и гас. Веста ја соопшти Данска, која моментално претседава со Советот на ЕУ, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
Ова е деветнаесеттиот санкциски пакет од почетокот на руската инвазија во 2022 година и доаѓа во време кога европските лидери се обидуваат да го задржат притисокот врз Кремљ, откако мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп почна да губи замав.
Словачка, која има поблиски односи со Москва, накратко го забави усвојувањето на пакетот, барајќи гаранции дека нејзината автомобилска индустрија нема да биде погодена од европското климатско законодавство. По постигнат компромис, премиерот Роберт Фицо ги повлече своите приговори.
Новите мерки предвидуваат забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG) една година порано од планираното, како и додавање на повеќе од 100 танкери од таканаречената „флота во сенка“ — стари бродови кои Русија ги користи за да ги избегне ограничувањата за извоз на нафта.
Покрај економските мерки, ЕУ ќе воведе и построги правила за движење на руските дипломати осомничени за шпионажа. Тие ќе мора однапред да ги известуваат националните власти за секое патување надвор од земјата во која се акредитирани.
Пакетот се очекува официјално да биде усвоен утре, непосредно пред украинскиот претседател Володимир Зеленски да им се придружи на лидерите на ЕУ на самит во Брисел.

