САМО САМАРЏИСКИ КАЖАЛ „НЕ“, СИМОНОВСКИ Е БЕЗ КЛУБ АМА ТРЕНИРА – ПЕКОЛНО!

/

Новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров, на денешната прес-конференција пред официјалниот старт на подготовките за квалификациските дуели против Естонија и Русија потврди дека нема никого да моли да игра за националната селекција и дека во пресрет на овој циклус добил само еден негативен одговор.

„Честа“ за тоа му припадна на веќе ветеранот Предраг Самарџиски, чие враќање меѓу жолто-црвените до неодамна беше неизвесно, а сега и дефинитивно е познато дека нема да се случи.

„Образложението на Самарџиски беше дека нема пауза во турското првенство. Уште од стартот рековме дека за репрезентацијата ќе играат само тие што сакаат поради што кај нас нема да има закани со суспензии и казни, туку ќе се концентрираме само на тие што сакаат да играат“, изјави Тодоров.

Една од најголемите енигми, пак, во составот на Тодоров е Марко Симоновски, кој веќе неколку месеци е без клупски ангажман по прекинот на соработката со МЗТ Скопје.

„Од денот кога се договорив со КФМ да бидам селектор, Симоновски е во систем на подготовка , како физичка така и кошаркарска. Без разлика на тоа што е без клуб сметам дека ќе може да помогне. Секако дека има ризик, но му верувам на Марко и сигурен сум дека ќе даде сѐ од себе“, дополни новиот предводник од клупата.



Македонија игра во групата Б во која е уште и Италија, која како еден од домаќините на ЕП 2021 веќе има обезбедено пласман. Тоа значи дека останатите три селекции ќе се борат за преостанатите две места кои нисат виза за следниот континентален собир.

Извор: Спорт1

Претходна статија

ПОЛИЦАЕЦ ПРЕГАЗЕН ОД КАМИОН КАЈ МИЛАДИНОВЦИ

Следна статија

АЈ ДА ЗБОРИМЕ ЗА ТАБЛАТА, ДОДЕКА „ПАТРИОТИТЕ“ И „СЕВЕРЏАНИТЕ“ СИ ГИ СПАСУВААТ ЗАДНИЦИТЕ

Најново од Истакнато