ЗАЕВ: ДА ОБЕЗБЕДИМЕ КОНЕЧНО ФУНКЦИОНАЛНА ПРАВНА ДРЖАВА!

Вести Истакнато Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, вчера се обрати на работната средба во организација на Академијата на судии и јавни обвинители и Центарот за истражување и анализи, со претставници на апелациските судови и Врховниот суд на Република Македонија, што се реализира и со поддршка од Британската амбасада, што се одвива во Струмица. Тема на средбата е хармонизирање на судската практика.

Премиерот Заев во Обраќањето порача дека клучната обврска на судиите и на сите во државата е:
“Да обезбедиме конечно функционална правна држава!”

Тој порача:
“Правото и правдата мора да бидат достапни на секој граѓанин и да важат, неселективно, подеднакво, за сите!”

Во продолжение е интегралниот текст од Обраќањето на премиерот Заев:
“Правдата често пати на луѓето им е потешка од неправдата, оценил еден мислител.
Голема е одговорноста да се биде носител на правдата и да се биде праведен.  Потребни се добри закони, потребно е почитување на законите од судската, извршната, законодавната власт, од институциите, од секој професионалец и секој граѓанин поединечно. Потребна е и свест и совест дека само општеството поставено на правда и правичност носи мир и е добро место за живеење на граѓаните.

Затоа, како извршна власт, со вас судиите, обвинителите, стручната јавност, се обидуваме да ги усогласиме законите според европското законодавство и препораките што се бараат во поглавјето за правосудство во преговарачкиот процес што очекуваме да почне со ЕУ.

Но, клучната обврска останува на вас како судии и на сите нас како држава:
Да обезбедиме конечно функционална правна држава!
Правото и правдата мора да бидат достапни на секој граѓанин и да важат, неселективно, подеднакво, за сите!
Апелирам, вие да си ја работите работата според совеста и законите, непристрасно, објективно, професионално, без прифаќање странични влијанија, од кого и да доаѓаат. Законите ве штитат, а законите во оваа држава се спроведуваат и ќе се спроведуваат.
Правото за извршување на правдата е во ваши раце и одговорноста за реализација на правдата е исто така ваша.
Еве ќе ја искористам приликата да се обврзам дека како извршна власт, ќе го направиме она што е наша должност, да ги обезбедиме сите потребни услови, за да функционира ефикасно правната држава во Македонија.
За тоа се обврзавме пред граѓаните, тоа ни е обврска како држава, за да ги почнеме преговорите со ЕУ во јуни и да станеме членка на Европската унија. Ефикасен правен систем ни е потребен и за членството во НАТО, што очекуваме да се случи многу скоро, почнувајки го процесот веќе од февруари.
И ајде да покажеме заедно дека Македнија може да биде пример и во обезбедувањето на правото, како врвно и демократско човеково право. Важно е да ги обезбедиме правото и правдата.

Важните закони што се однесуваат на ефикасно правосудство очекуваме до Нова година да влезат во собраниска процедура.
Предлог законите за изменување и дополнување на Законот за судовите и Законот за Судски совет на Република Македонија се работени од стручна работна група составена од судии, професори, поранешни судии на Судот за човекови права во Стразбур, членови на Судскиот совет на Република Македонија.

Измените и дополнувањата се согласно препораките дадени од Венецијанската комисија, ГРЕКО и Оценската мисија на ТАЕКС за обука на судии и јавни обвинители, според насоките утврдени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, а ја поминаа и расправата во Советот за реформа на правосудниот сектор и, како што сум информиран, нивното донесување е поздравено.
Со измените што се предвидени во законите: се врши редефинирање на изборот на членовите на судскиот Совет од редот на најискусните судии, законски се дефинира условот “истакнат правник“ за избор на член на Судскиот совет на предлог на Собранието на Република Македонија и на Претседателот на Република Македонија, се воведува категорија на “млади правници“, се врши  редефинирање на критериумите за унапредување судија во повисок суд, се утврдува законски основ за донесување Кодекс на судска етика за судии и судии поротници, се пропишуваат критериуми за утврдување на индивидуална одговорност за членовите на Судскиот совет во вршењето на нивната функција, се менува концептот на оценување на судии заради напредување и целосно се уредуваат основите за дисциплинско казнување, согласно препораките на Венецијанската комисија.

Еве и поконкретно:
Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законит за судовите:
-Се воведува категоријата “млади судии“, или судии избрани во основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години, да можат да работат само на предмети од надлежност на суд со основна надлежност, односно полесни предмети.
-Основните судови во Кичево, Кавадарци и Гевгелија добиваат проширена надлежност. Анализите покажуваат дека овие судови континуирано низ годините имаат предмети изразено над просекот на предмети што го имаат судовите со основна надлежност. Ваквата поставеност негативно влијае на секојдневното работење на правните лица, за коишто е надлежен Основниот суд во Велес, а така индиректно и на целокупното пазарно работење и на развојот на стопанството во јужните делови на Македонија. Негативни ефекти од моменталниот статус на основните судови во Кичево, Кавадарци и Гевгелија, како судови со основна надлежност има и во кривичното право. Имено, меѓународните стандарди предвидуваат посебен третман на децата сторители на кривични дела, што треба да биде остварен во нивното место на живеење. Ваквите меѓународни стандарди се неостварливи доколку судот е значително оддалечен од местото на живеење на детето. Целта на измените на оваа одредба е остварување на полесен и поефикасен пристап до правдата на голем број граѓани на Република Македонија.

-Се предвидува надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија да го утврдува оптималниот број на судии и судии поротници  по судовите. Оваа измена се предлага согласно забелешките на Оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители, извршена во април годинава, а согласно којашто „не постои планирање на човечки ресурси и нема стратешко планирање за вработување судии или јавни обвинители, ниту за правни соработници и друг помошен персонал, а огласот за судии и јавни обвинители од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се чини дека е направен по случаен избор“. Советот располага со сите потребни статистички показатели (број на судии и стручен  персонал, број на предмети по судови по област, движење на предмети по години и согласно ново предвидената надлежност тој мора да ја следи работата на судовите и судиите и има капацитет за исполнување на наведената обврска

-Се овозможува  во случај на полесен облик на повреда на основите за разрешување судија, на судијата да може да му биде изречена дисциплинска мерка, наместо разрешување, согласно препораката на Венецијанската комисија. Воедно, се предлага разрешување судија од судска функција да биде можно само ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност, по вина на судијата, без оправдани причини и повредата да предизвикала сериозни последици.

Што се однесува до позначајните измени во Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија:
-Се врши дефинирање на поимот “истакнат правник“ како член на Советот избран од Собранието. Се предлага тие да бидат од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд или меѓународен суд
-Се пропишуваат основите и постапката за изземање и за поднесување барање за дисциплинска постапка за член на Советот, согласно препораката на Венецијанската комисија, во делот на непостоење одредба за утврдување одговорност на членовите на Советот во вршењето на нивната функција во Советот
-Се прошируваат основите за престанок на судската функција и во случај ако на судијата во вршење на судиската функција му е изречена прекршочна санкција „забрана за вршење на професија, дејност или должност за дело поврзано со злоупотреба на судиската функција“. Оценката е дека ова дополнување е неопходно, имајќи предвид дека во конкретниот случај судијата целосно го изгубил кредибилитет за вршење на функцијата
-Се воведува нов концепт на оценување судии, само во случај на унапредување во суд од ист степен, повисок суд или за претседател на суд. Целосно е постапено по забелешките на Венецијанската комисија, којашто укажа дека оценувањето на судијата мора да биде одвоено од системот за казнување, односно да се отстрани критериумот на „оценување заради казнување“.
Во финална подготовка се и Законот за судска служба. Во делот на кривичното законодавство, најзначаен дел се измените што се однесуваат на криминалот на омраза, а се пропишуваат и нови кривични дела, како што е “попречување на правдата“.
Во финална подготовка се и закони што се однесуваат на обвинителската дејност.
Благодарам што учествувате со свои забелешки, сугестии, коментари во реформите во правосудството. Клучно е вашето мислење бидејки вие сте спроводници на правдата.

За да поминат законите во Парламентот, потребно е дво третинско мнозинство во Парламентот – ние сме во контакти и со опозицијата и верувам дека ќе биде дадена широка и политичка и општествена поддршка.

Да ја хармонизираме судската практика, да ги усогласиме законите со законодавството на ЕУ, да ја обезбедиме правдата во нашата држава и сите да се чувствуваме спокојни и заштитени во еден ефикасен, фер и правичен правосуден систем!
Повикувам сите надлежни институции и поединците, да ја сфатиме сериозно оваа обврска, да ги донесеме законите до март и да почнеме со нивна ефикасна реализација!Првото поглавје што очекуваме да се отвори е поглавјето 23, верувам дека реформите во правосудството успешно ќе завршат, а нивната имплементација ќе блеска”, рече во Обраќањето премиерот Заев.
Во дебатата судиите дадоа свои мислења и сугестии, а премиерот Заев рече дека се тие добредојдени, бидејки целта е охрабрување на судството да носи одлуки и независно и професионално судство.