|

СДСМ: Професорот Мицкоски не знае да пресмета, велеше струјата ќе се покачи за 40 отсто

Со месеци Христијан Мицкоски ја лажеше јавноста и ширеше страв и паника меѓу граѓаните дека цената на струјата ќе се покачи за 40 отсто, предвидуваше рестрикции и апокалиптични сценарија, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.

„Лагите на ВМРО-ДПМНЕ се распрснаа, цената на струјата, под притисок на светската енергетска криза, се покачи, но за 9,48 отсто и нема рестрикции.

Но, се виде дека професорот Мицкоски не знае да пресмета – 40 отсто и 9,48 отсто не е исто. 9,48 отсто е четири пати помалку од 40 отсто.

Ама тој знае да пресмета 100 отсто, колку што ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми цената на струјата за време на нивното владеење, период кога Мицкоски беше директор на АД ЕЛЕМ и советник за енергетика на криминалецот во бегство Никола Груевски.

Во истиот тој период и без енергетска криза беше укината дневната евтина тарифа на електричната енергија, а ВМРО-ДПМНЕ како опозиција се противеше на нејзиното враќање.

Во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ немаше инвестиции во енергетски капацитети, туку неразумни и непродуктивни инвестиции во стиропор, палми и жални врби.

Додека Владата предводена од СДСМ презема мерки за справување со енергетската криза, со активирање на сите расположливи капацитети и обезбедување помош за ранливите категории за плаќање на сметките за струја, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски опструираат, блокираат и шират невистини“, се наведува во соопштението на СДСМ.



Слични Објави