СДСМ: ВО ТИМОТ НА МИНИСТЕРКАТА МИЗРАХИ ИМА ЛУЃЕ КОИ БЕА ДЕЛ ОД ТИМОТ И НА ДИМЕ СПАСОВ

ВМРО-ДПМНЕ не може да излезе од лавиринтот на груевстичката режимска матрица. Потврда за тоа се тимовите на министрите од ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

СДСМ вели дека тимот на министерката Рашела Мизрахи е составен од лица кои се познати во јавноста како дел од режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и биле дел од креирање на погубниот проект Скопје 2014, соработници на Диме Спасов и одговорни за омаловажувањето на сиромашните, стечајците и пензионерите. Дури и самата Мизрахи, велат од СДСМ, ги понижи жените на првиот ден од нејзиното назначување.

Според партијата, тимот на Цветан Трипуновски против кого има кривична пријава за злоупотреба на 170.000 евра, е олицетворение за најцрните 11 години во земјоделството кога земјоделците осиромашувале, производството пропаѓало, а кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се богателе на сметка на макотрпниот труд на земјоделците.

За Наќе Чулев којшто сега е во МВР, СДСМ вели дека бил директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случиле настаните во „Диво Насеље“.

„Оваа хипотека на Чулев ќе има негативни импликации во јавноста и кај вработените во МВР но СДСМ нема да дозволи ништо да го загрози изборниот процес ниту сигурносата на граѓаните“, смета СДСМ.

Според нив, ова покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, тоа е истата партија на Никола Груевски, а тоа граѓаните ќе го казнат на 12 април.