|

Се намалува бројот на грипозни, но и последнава недела е со рекорден број новозаболени споредена со изминатите 14 сезони

Бројот на новозаболени од грип се намалува во споредба со минатата недела, но ако се спореди со истата недела изминатите 14 сезони, бројот на новозаболени е рекорден. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска попладнево соопшти дека изминатава недела е регистриран уште еден смртен случај на заболен од грип.

„Во текот на деветтата недела во 2025 година, од 24.02 – 02.03. се пријавени 2569 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 15,4 проценти помалку во споредба со претходната недела кога бројот на регистрирани случаи беше 3035.  Во однос на бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со деветтата недела од минатата сезона кога бројот бил 641, тој е зголемен за четирипати, а во споредба со деветтата недела во последните 14 сезони, зголемен е за 38,4 проценти“, рече директорката Андоновска.

Од новозаболените 1465 лица се на возраст од 15 – 64 години, 550 се деца на возраст од 5-14 години, 297 пријавени случаи се деца од 0 до 4 години и 257 лица на возраст над 65 години. Заболените најмногу се пријавени во Скопје 515 лица, Битола 236, Куманово 203.

Анализите покажуваат многу висока активност на вирусот во Дебар, Кратово и Свети Николе.

Во оваа сезона вкупна бројка на заболени од грип и болести слични на грип е 19.944, бројка која споредена со минатата сезона е 49 проценти повисока. За цела сезона досега се регистрирани четири смртни случаи, од кои четвртиот е регистриран последнава недела.

„Во последниот случај се работи за жена со коморбидитети со возраст над 65 години. Се лекувала на Клиниката за пулмонални заболувања“, рече директорката Андоновска.

Остануваат прекорпаките за лицата кои ќе почувствуваат симптоми на грип да не излегуваат од дома, а посебно да не бидат во контакт со деца или со лица кои имаат коморбидитети.

Слични Објави