Се оформува „бугарска Ривиера“ кај Кавала – Бугарите масовно инвестираат во недвижности
Во регионот околу грчкиот град Кавала се оформува вистинска „бугарска Ривиера“, открива публикација на грчкото издание „Катимерини“. Според информациите, сè повеќе бугарски граѓани од туристи се претвораат во сопственици на бројни недвижности во северна Грција.
Брокерските компании потврдуваат дека побарувачката е огромна и опфаќа најразлични типови имоти – од терени за каравани до луксузни трикатни вили. Новите станбени згради се распродаваат уште во почетна фаза на градба, главно на купувачи од Бугарија.
Регионот околу Кавала одамна е позната туристичка дестинација за Бугарите, што дополнително го поттикнува нивниот интерес да инвестираат токму таму. Цените на недвижностите во последните години значително пораснале – ако порано реалната цена беше околу 900 евра за квадратен метар, денес речиси и да нема имот под 2000 евра за квадрат.
И покрај високите цени, интересот не стивнува. Дел од купувачите ги користат своите имоти за летен одмор, други ги издаваат, а повозрасните Бугари поради поволната клима одлучуваат трајно да живеат таму.
Анкетите меѓу локалните угостители покажуваат дека тие се задоволни од присуството на бугарските туристи и инвеститори. Денес, во речиси сите ресторани и кафулиња во областа Кавала може да се најде мени и на бугарски јазик.

