Се основаат компании за игри на среќа диригирани од роднини на министри на ДУИ, реагира Сали од огнената фракција на партијата
Младите, кои се дел од фракцијата на ДУИ, односно од т.н. огнена група, посочуваат дека се загрижени бидејќи ќе се формира нова видеолотарија од страна на Владата. Уранија Сали, студент во медицинското училиште „Панче Караѓозов“, тврди дека се основаат компании за игри на среќа, чии предводници се роднини на министри од ДУИ.
„Младите се иднината на една држава, но денес мораме да потсетиме дека оваа Влада нè отсече од агендата, а со нас играат баш како со игри на среќа, кои од ден на ден се отвораат во форма на казина и обложувачници. Од овде сакаме да алармираме, освен што секојдневно нè терате да ја напуштаме државата и да го фатиме патот за странство, дополнително, со игрите на среќа ни го ставате злото на врата. Наместо да ни отворате библиотеки, работни места или младински центри, вие отворате обложувачници. Чувствуваме загриженост што ќе се формира нова видеолотарија од страна на Владата на Македонија, со што подразбираме дека апаратите ќе ги имаме насекаде“, посочи Сали.
Таа смета дека Владата си игра со среќата на младите.
„Во анкетата спроведена од движењето ‘Антикоцкање за влијанието на игрите врз младите’ се забележува дека 58 % од анкетираните млади барем еднаш играле во казино, обложувачница или онлајн-казино. Уште поалармантно е што во оваа анкета 67 % од испитаниците првпат играле на возраст од 8 до 18 години. Во Македонија имаме повеќе од 1.200 казина, обложувачници и онлајн-казина, а имаме 109 средни училишта, 227 библиотеки и 20 младински центри, што значи трипати повеќе. Затоа решивме да реагираме на оваа одлука на извршната власт и ги поттикнуваме нашите министри и нашата Влада да размислат повеќе за изградба на можности за младите да се развиваат во својот академски и социјален живот. Истовремено, ја повикуваме Владата да стави прст на глава дека ако под 10.000 млади луѓе годишно ја напуштиле државата за странство, оваа бројка ќе биде многу поголема благодарение на нивните политики за младите“, додаде таа.
Од огнената фракција посочија: „Вие имате само политики како да основате повеќе компании за игри на среќа и тие да се диригираат од ваши блиски луѓе, од кои три члена на новата видеолотарија се токму роднини на министри од ДУИ. Затоа ви кажуваме да не си играте со нашата среќа, затоа што ние не сме ваши игри на среќа“.