Се продава управната зграда на пропаднатата „Еуростандард банка“
Во тек е постапката за продажба на управната зграда на пропаднатата „Еуростандард банка“ во строгиот центар на Скопје, објави „Фактор“.
Стечајниот управник на Еуростандард банка во стечај, Маринко Саздовски, ја има огласено за продажба зградата на некогашната банка на бизнисменот Трифун Костовски, која ќе се продава идниот вторник, на јавно наддавање од 14 до 14:30 часот.
Проценетата вредност на целиот имот кој се продава е утврден на 8,43 милиони евра, при што е наведено дека наддавањето ќе се врши без одредена почетна цена. Се наведува и дека минималниот износ на наддавањето е 10 милиони денари (околу 160.000 евра).
До утре трае уплатата на учеството на сите заинтересирани субјекти што ќе сакаат да ја купат атрактивната управна зграда на банката, пишува „Фактор“. Износот на бараното учество е 10 отсто од проценетата вредност, односно 843 илјади евра, што значи дека не секој можел или може да се пријави на наддавањето, бидејќи претходно мора да плати огромна сума за учество.
За тоа дали зградата ќе се продаде по цената што ќе се постигне на наддавањето, ќе одлучува Собранието на доверители на банката.
Извор: Слободен печат