ВМРО-ДПМНЕ: Црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев ја опустоши македонската економија и ги осиромаши македонските граѓани

Вести Истакнато Македонија

Економското цунами олицетворено во СДСМ и црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев ја опустоши македонската економија и ги осиромаши македонските граѓани. Додека цените на основните продукти потребни за живот растат, просечната плата е во слободен пад. Малопродажните цени во април пораснаа за 3 проценти споредбено со лани, додека трошоците за живот се зголемени за 1.4 проценти, а платите во февруари годинава во однос на јануари се пониски за 867 денари, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев и неговите соучесници во економскиот геноцид треба да ги симнат своите розови очила и да се соочат со реалноста прикажана во овие бројки која секојдневно ја живеат македонските граѓани.

За сето ова време додека стандардот на граѓаните драстично опаѓаше, црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев само во првите три месеци од годината секое едно македонско семејство го задолжија за нови 600-тини евра, односно вкупно ја задолжија државата за нови 300 милиони евра. Секој граѓанин на Република Македонија има долг од 2.500 евра, а просечното четиричлено семејство има долг од неверојатни 10 илјади евра од вкупниот долг на државата.

Картелот на власт ја носи Македонија се поблиску до должничко ропство, јавниот долг ја помина границата од 5 милијарди евра, државниот границата од 4 милијарди евра, а се уште нема ни трага ни глас од ветениот семафор на Триумфалната Порта кој требаше да го отчитува долгот на државата и да покаже транспарентност.

Ова е резултатот на расипничкото и криминално работење на владата на Заев и СДСМ. Ова е резултатот на неспособноста на Тевдовски, и бизнис интересите на кланот Заеви и Кочо Анѓушев. Наместо да работат за интересите на државата и граѓаните, картелот работи исклучиво за своите лични интереси.

Македонскиот граѓанин како и целата економија се во постојан грч, родителите се плашат за иднината на своите деца кои ќе треба да ја плаќаат цената за неспособноста на оваа криминална власт. Злосторничкото здружение на власт мора час поскоро да си замине, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.