|

Нови услови за мигрантите во Велика Британија: работа, без социјална помош и волонтерски активности

Мигрантите кои сакаат да се населат трајно во Велика Британија ќе треба да исполнат нови услови – да работат, да не примаат социјална помош и да учествуваат во општествено корисни активности, јавува БГНЕС. Ова е дел од планот што ќе го претстави министерот за внатрешни работи Шабана Махмуд на годишната конференција на владејачката Лабуристичка партија.

Според актуелниот закон, лица со роднини во Велика Британија кои живеат таму најмалку пет години, како и мигранти со легален престој од најмалку десет години, можат да аплицираат за постојан престој („indefinite leave to remain“). Со тоа тие добиваат право да живеат, работат и учат во земјата, како и да користат социјална помош и да аплицираат за британско државјанство.

Новата политика, меѓутоа, носи значајни промени: за да добијат право на постојан престој, мигрантите ќе мора да плаќаат социјални придонеси, да не користат социјални бенефиции, да имаат чисто казнено досие и да учествуваат во волонтерски активности на локалната заедница.

Владата ќе започне јавна расправа за оваа тема подоцна годинава, соопштија од Лабуристичката партија.

Предлогот доаѓа кратко време откако крајно десната опозициска партија „Реформа“, која моментално води во националните анкети, предложи целосно укинување на „indefinite leave to remain“. Според нивниот план, сите мигранти – вклучително и оние кои веќе имаат постојан престој – би морале да ги обновуваат визите на секои пет години.

„Овие мерки јасно ја разграничуваат владата на Лабуристичката партија од Реформа, чиј последен предлог би ги натерал илјадници луѓе кои со децении придонесуваат за оваа земја да ги напуштат своите домови и семејства,“ се вели во официјалната позиција на партијата.

Премиерот Киер Стармер го нарече предлогот на „Реформа“ „расистички“ и предупреди дека може да ја „подели земјата“.

Во своето прво обраќање како министер за внатрешни работи пред конференцијата на Лабуристичката партија, Махмуд ќе истакне дека мигрантите ќе мора да го владеат англискиот јазик на високо ниво и порача дека ќе биде „строг“ министер по прашањата на имиграцијата.

Темата за миграцијата останува водечка во британската политика, а Махмуд ќе предупреди дека доколку владата не покаже решителност, „обичните работници ќе се одвратат од нас и ќе побараат утеха во лажните ветувања“ на лидерот на Реформа, Најџел Фараџ.

Се очекува и министерот за финансии, Рејчел Ривс, да излезе со нова визија за економско заздравување на земјата, како и со мерки за поттикнување на младинската вработеност.



Слични Објави