Партијата на Санду победи во Молдавија, останува на работ меѓу самостојно владеење и коалиција
Со преброени над 95% од гласачките ливчиња, владејачката проевропска Партија на акцијата и солидарноста (ПАС) извојува убедлива победа на парламентарните избори во Молдавија, освојувајќи 49,01% од гласовите, јавува БГНЕС. Ова го покажуваат последните податоци на Централната изборна комисија.
На второ место се најде проруската формација „Патриотски блок“ со 24,95%, додека центар-левата формација „Алтернатива“ освои 8,19%. Изборниот праг за влез во парламентот е 5%, а уште две партии засега го надминуваат – „Нашата партија“ (6,25%) и „Демократија дома“ (5,66%).
Излезноста достигна околу 52% од регистрираните гласачи, односно повеќе од 1,6 милиони лица. Од нив, над 243 илјади гласови дојдоа од молдавската дијаспора. Според ЦИК, пребројувањето на гласовите од странство сè уште не е целосно завршено.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, им се заблагодари на граѓаните во земјата и во странство за учеството, истакнувајќи дека високата излезност е доказ за силна посветеност кон демократскиот процес.
И покрај предноста, ПАС можеби нема да успее да го задржи апсолутното мнозинство во 101-члениот парламент. Тоа би значело дека ќе мора да бара коалициски партнери меѓу помалите партии. Потенцијални, иако неестествени, сојузници би можеле да бидат „Алтернатива“ или популистичката „Нашата партија“, доколку тие конечно ја преминат изборната бариера.
Задржувањето на мнозинството е клучно за ПАС и претседателката Санду, кои ја имаат поставено целта Молдавија да стане членка на Европската унија до 2030 година. Политичка нестабилност или коалициски компромиси би можеле да го забават евроинтеграцискиот процес, особено во услови на зголемен притисок од Русија по инвазијата врз Украина во 2022 година.
Молдавија, со население од околу 2,4 милиони жители, останува една од најсиромашните земји во Европа. Гласачите испратија јасна порака – поддршка за проевропскиот курс, но и незадоволство од економската состојба и социјалните тешкотии кои продолжуваат да ја обликуваат јавната перцепција.
