| |

Се сеќавате ли на „Радко“!?

Пишува: Владимир Перев

Амбиција за синопсис

Битола, 16 април 2022 година. Свечено отворање на бугарскиот Генерален конзулат во Битола. Потоа следи отворањето на Клубот “Ванчо Михајлов“ во центарот на градот. Собрани сме сите кои имаат некава врска со бугарската кауза во Македонија. Новокомпонирани и традиционалисти. Овиe вториве се повеќе. Се очекува висока делегација од Софија. Премиерот Петков ќе дојде со хеликоптер, а со коли ќе пристигнат Захариева, Каракачанов, пратеничката Белобрадова и други високи бугарски општественици. Врие од новинарски екипи, бугарски и наши. Го гледам Димитар Црномаров. Се поздравуваме и погледите ни се вкрстуваат. Тој, строен и исправен со побелена коса и мустаци. Стои загледан некаде, со строг поглед, како “сите гемии да му потонале“…знам, задоволен е! Јас покрај него, подведен, подгрбавен, како целиот товар на минатите генерации на ВМРО да ми паднале на плеќи. Говориме малку. Ние сме најстари, ние се сеќаваме за минатите тешки времиња и за пропаднатите надежи и илузии. Чекаме. За Захариева знам дека ќе дојде, се радувам јас и сите други, прашувам дали е сигурно за Генчовска. Ќе дојде, ми велат, патува. Таа е нужна, неопходна, таа во моментот е симболот на континуитетот. Алката која поврзува две влади, а една идеја. Конечно, пристигнуваат сите. Доволен сум, ја има и Цвета Карајанчева, поранешната председателка на бугарскиот парламент. Влегуваме во зградата на Генералниот конзулат. Најубавата зграда во Битола! Протоколот си ја врши работата, се разместуваме на своите места. Се говори по протокол, говориме сите, говорам и јас. Ништо значајно, вообичаени фрази за “единството“ на луѓето од овие пространства. Внимателно го слушам Петков. Еден нов Петков, сосема поразличен од оној “харвардски“ Петков од нашата средба во јануари. Помнам, тоа беше непријатна средба, полна со дволични фрази. Сега говори за “единство“, за “решение на Парламентот“, за “правата на бугарите“ во Македонија и насекаде…цврсто, јасно и решително. Позитивен впечаток. Од “стариот“ Петков, останата е само неговата широка, харвардска  насмевка. Тоа ме плаши. 

Ја слушам Јотова. Цврста и решителна, ја знае проблематиката и говори со сигурен тон. Генчовска е тиха, ама говори непоколебливо, без отстапки…значи, ништо не се променило. Поточно, Петков се променил, на подобро! Дај Боже, си велам.

Излегуваме. Се фотографираме за спомен. Колоната возила трга кон Клубот “Ванчо Михајлов“. Боже, колку ли има полиција, си мислам. Па толку бугарска полиција немало,  ни кога Богдан Филов дошол во Битола. Работат професионално. Колоната се движи полека, битолчани стојат на страна со стиснати усни и безизразни. Нема насмевки, но нема протест, нема ни подигнати тупаници како отпор. Ние македонците од новото време, сме научиле да чекаме, да се воздржиме. Проклетството на поразените и понижените. Пред Клубот се среќавам со Каракачанов. Се поздравуваме и прегрнуваме. Не разговараме, знаеме дека така почнуваат недоразбирањата. Задоволни и насмеани сме и двајцата. Победници.  Излегувам надвор и некоја новинарка ме прашува, да кажам неколку думи. Говорам тоа што чувствувам. Задоволство дека се отвора клуб со името на човек кој целиот свој живот го посветил на одбраната на бугарската кауза. Не само во Македонија, ами и во Бугарија…таму имаше повеќе антибугари отколку кај нас. Ги има и сега!  Конечно, треба да се оди за Охрид. Виното останува недопиено, сендвичите недојадени. Бугарите-културен народ! Не се прејадуваат и препиваат. На излегување се запознавам со Милен Врабески. Бизнисмен и голем филантроп. Познат и во Македонија и во Бугарија, го познаваат сите, ги помагал сите. Само јас не го познавам, никогаш не сме се сретнале. Договараме да се најдеме во Охрид, на ручек.

Патуваме за Охрид. Петар го вози комбето, а главниот редактор на Трибуна седи напред, до него, во комбето. Му се лошело ако седел назад. Тој не знае уште колку и од што сѐ, ќе му се лоши! Јас сам, седам на вториот ред. Охрид! Спомените ме преплавуваат, ме потиснуваат, ме депримираат. Охрид и Владимир Панков, Охрид и “Радко“, Охрид и каузата. Владо во 2000 година го формира здружението “Радко“ и направи промоција во хотел “Холидеј Ин“ во Скопје. Во присуство на политичари и депутати од Бугарија, во присуство на голем број од нас, промоцијата завши со скандал. Еден малоумен новинар-уредник (и “соработник“!), заедно со двајца скопски гамени фрлија димни бомби. Собранието се растури. Македонскиот печат мангупите ги прогласи за “комити“ против фашизмот, а  новинарот (соработник) тужеше дека бил телесно повреден во спречувањето да фрли бомба. Потоа се разви драматургија, по познато сценарио. Двајцата мангупи се фалеа дека биле херои, а учесникот на настанот, застанат во одбрана на “Радко“,  Јове Стојаноски-Рибарот беше даден на суд заради нанесување телесна повреда. Беше осуден. Една адвокатка и еден адвокат, “патриотски“ поднесоа барање до Уставен суд за поништување на регистрацијата на “Радко“. Конечен резултат: Уставниот суд ја поништи регистацијата во 2001 година. Сето тоа се случи за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ и двоецот Георгиевски-Димовска. Да сме си на јасно. Сепак, Панков поведе спор во Стразбур и го доби во 2008 година. Јове Рибарот почина од последици од физички и психички тормоз врз него и од затворската казна. Панков почина на 5 јануари 2019 година. Со амбасадорот Ангелов бевме на погребението во Охрид. Писмо со сочувства испрати и Захариева, тогашен министер за надворешни на Бугарија. За “патриотот“ адвокат не знам, но адвокатаката, сега веќе во постари, сенилни години, пишува глупави статии по порталите. Не е веќе така убава како порано…

Охрид е прекрасен, тоа е факт. Прошетката по него е секогаш задоволство. Само спомените, тие пусти спомени, тоа проклетство на нашиот незаборав, прошетката ја прават мачна. Одиме на вечера во “Билјанини извори“. Прекрасна сала и дозволено пушење. Седам на маса со Јотова и уште неколкумина од бугарската политика. Разговараме. Се говори за иднината, за проекти и нови идеи. Целосно се разбираме. Ама, Панков ми е во мислите. Заустувам да кажам дека имало некој и пред нас, ама ете, не му било пишано да биде тука. Немам храброст да проговорам, некој ќе ми рече дека работите “ги враќам назад“. Со мене и Јотова, на масата е и амбасадорот Ангелов. Тој го диригира темпото на разговор, барем така мислам. Мисли за напред, за многу напред. Јас и Панков сме минато. Не кажувам ништо. Не сакам да ги вознемирувам со “сенките од минатото“. А и се трудам со Јотова да бидам љубезен. Не ми требаат нови непријатели, и од старите глава не можам да кренам.

Недела, 17 април 2022 година, Охрид. Студено, ветровито и малку дождливо. Одиме на споменикот на жртвите на несреќата на Охридското езеро во 2009 година. 15 жртви и прекрасен, скромен паметник на брегот на езерото. Стихови на Дебелјанов. Се поднесуваат венци и кратки говори. Потоа се оди на отворањето на клубот “Хоризонти“ во Охрид, на главната улица. Поминуваме пешки по улицата. Малку луѓе, многу обезбедување и внимателни погледи од минувачите. Молчешкум не одминуваат. Не пречекува Љубчо Куртелов, широко насмеан. Многу новинари, но и многу посетители на отворањето. Сите се познаваме, сите сме од старите “херојски“ времиња. Тука се, речи си, и сите од “Радко“, пријатели и познати на Панков. Се поздравуваме со цврсти  раце и стиснати души. Никој не го споменува “нашиот“ Владо. Сега е ново време. Внатре се Јотова со делгацијата и амбасадорот, а ние седиме на галеријата и пушиме. Неодминливиот и вечниот Крсте од Завој е со нас, среќен и радосен. Требало да ми кажеш дека доаѓаш, ми вели, ќе се почестевме. Мисли на неговата прочуена ракија од линцура. Сега не ја донесол, не знаел дека ќе дојдам. Внатре кај Јотова, се слушаат повишени тонови. Некаква сподоба, со шапка “а ла Владо Черноземски“ инсистира на одговор, зошто неговиот син сеуште, и по пет години нема државјанство. Бил единствен во Македонија со име Асен! Го смируваме. Го познавам, сите го знаеме. Стар бугарски род, вмровец по традиција,  познатиот Христо Михаилов од Прилеп, пријател на Божидар Димитров, на Каракачанов, но и на Иван Лебамов. Најсиромашниот и најчесниот меѓу нас. Не пие, ама сега е на неколку чашки. Не крепи, затоа е така. Јотова е трпелива и смирена. Не прави грешки. Нема нервоза, барем не видлива. Отворањето врви кон својот крај.

Делегацијата излегува и се шета низ главната улица. Охриѓаните нѐ гледаат со внимание, без реакции. Јотова, онака висока и корпулентна, цврсто гази на охридските плочки на главната улица, со целиот антураж околу себе. Густата, развеана црвеникава коса. Ми заприличува на лик на одмаздник од времето кога, како деца ги читавме тие книги. Новинарите, сликаат ли сликаат. Јас пак се сеќавам на Владо. Проклети спомени, а не стигнав да му појдам на гробот. Делегацијата пие кафе во центарот, потоа почнува испраќањето. Широки насмевки, љубезни зборови, меѓусебни ветувања. Колите си заминуваат и Јотова исчезнува од видокругот. Големо олеснување, за сите…едно долго ооууфффф. Заминуваме на ручек со Врабески.

“Далга“ е преполна. Не пречекува Врабески. Свири охридска музика. Внатре се сите, буквално сите од вмровските структури. Мислам на старите. Од ДПМНЕ не гледам никој. Масите преполни. Веднаш се фаќам за ракијата. Од главната маса се јавува Белобрадова. Разбираме дека и таа е по корен од Македонија, од Егејска и дека е од унијатите. Денес и е Велигден. Исто како и на Гоце. Срдечни честитки од сите. Мислам дека никој не го спомена Гоце. Си муабетиме. Цврста, насмеана, со тврд поглед. Ветува дека нема отстапки за правата на македонските бугари. Ѝ верувам!

Излегувам надвор да пушам. Проклетството на Законот за пушење…поделба на народот на пушачи и на оние кои ќе живеат сто години! Дали ќе доживеат, си велам. Врабески не пуши, ама е надвор со мене и амбасадорот Ангелов. Разговараме. Поточно, тие разговараат а јас слушам и внимавам. Разбрав дека се роднини, братучеди. Го гледам Врабески. Млад, здрав, богат и добродетел. Поддржува проекти низ Македонија и секаде каде има бугари. Широка насмевка, внимателен поглед. Гестикулира со широко отворени раце, срдечно и непосредно. Самоуверен. Сакам да му кажам за Владо, за „Радко“. Да му кажам дека ова не е почеток, ами процес. Пак немам храброст, мртвите обично ја нарушуваат пријатната атмосфера. Најмногу ако си заминале тихо и со неостварени амбиции. Па зошто баш јас, си велам, јас да ја нарушувам пријатноста на ручекот. Па барем половината од тие кои седеа на преполните маси беа пријатели со него. Никој не спомена ништо за Владо!

Се враќаме. Петар си го вози комбето, главниот редактор седи напред. Молчи, пак не му е нешто право. На третиот ред зад мене седи “слепиот патник“ Попе и ме малтретира со “неговите права“. Го собравме од Охрид. Вечно бара некои права. Не знам, веројатно си мисли дека некој од нас ги вади од џеб. Конечно Попе молкнува, а јас потонувам во сопствените мисли. Надвор е лесен мрак, навечерие. Мислам на ентузијазмот кога се правеше “Радко“. Ништо не споменав. Сѐ срамам од себе сѝ, од сопствената нерешителност. Патуваме.

Вестите стигнуваат пред нас. Видена работа.

Дома сум и заспивам одма. Сонувам страшен сон, дека сум некаде во пеколот. Ги гледам Сталин, со полната чаша водка, Тито со брилијантскиот прстен и Колишевски и мојсов облечени како џелати. Се надевам дека не е за мене. Некаде во сонот се мернува Врабески. Прашува дали нешто треба да помогне. Помогни, му велам ,спасувај, само да прекине овој сон. Тој елегантно мавнува со рака и се будам. Си правам кафе и пуштам ТВ. Некоја будала по стоти пат го повторува Павле Трајанов дека бугарите се геноциден народ. Менувам канал. Разбирам дека Ванчо Михајлов бил нацист, а куќата на Клубот била еврејска. Си замислувам како некаде, таму горе, иронично ни се потсмеваат евреинот Рафаел Камхи, банкарот-евреин и агент на ОСС Кујумџијски и директорот на ОСС Дивиот Бил Донован. Сите биле финансиери на Михајлов и на ВМРО. Само на Михајлов не му е смешно. Денес овде има попрост народ од оној кој тој го оставил по Првата светска војна.

Го отворам лаптопот за да почнам синопсис. За статија немам сила, а веќе и сѐ е кажано.  Една солза ми се слива низ лицето. Само една, а толку мртви…од старост е, се тешам.

Почнувам да пишувам…

Слични Објави