СЕ УТВРДУВА ДАЛИ ПОЧИНАТАТА НА ГАК РОДИЛКА ОД ОХРИД БИЛА ЗАРАЗЕНА СО КОВИД-19
Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје соопшти дека доцна синоќа кај нив почина родилка на возраст од 37 години од Охрид, која вчера попладне е донесена во Скопје со возило на Брза помош во високо фебрилна состојба (телесна температура над 39 степени) и со мртов плод.
На жената уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфрли присуство на коронавирус. За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши при што таа беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но, за жал во 22 часот е констатирана смрт. Причина за смртта најверојатно е сепса со масивна тромбоемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза. Се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли, посочуваат од Клиниката.
