| |

Се зголемуваат инвестициите во Тракиската економска зона, расте интересот од азиски инвеститори

Инвестициите во Тракиската економска зона се зголемуваат. И оваа година во регионот се привлечени високотехнолошки производствени капацитети, што придонесува за развојот на образовниот систем, како и за воведување на низа иновации, јавува БНТ. Годинава, кон најголемиот индустриски проект во Источна Европа, интерес покажуваат и бројни азиски инвеститори.

Над 19 милиони лева се вложени во новоотворената фабрика за алуминиумски компоненти за автомобилската индустрија на кинеска компанија. Воедно, јапонска фирма веќе гради погон за производство на амбалажа. Во тек се и преговори со јужнокорејски инвеститор.

„За нас навистина бранoт е азиски. Кога гледаме перспектива во продолжувањето на овие инвестиции, ние сме умерени оптимисти и за наредната година“, изјави Пламен Панчев, извршен директор на „Тракиска економска зона“.

Во моментов, голем германски индустриски конгломерат ги разгледува можностите за изградба на производство поврзано со аерокосмичката индустрија. Сепак, тоа може да се реализира само со висококвалификуван кадар.

„Ова е нашата битка за таленти и тоа е успехот што го имаме во враќањето на кадри од Западна Европа и од Америка, кои таму стекнаа сериозна квалификација, но сега можат да најдат реализација во овие високотехнолошки производствени погони“, вели Панчев.

Развојот на зоната се одвива и преку изградба на логистички центри, кои ќе ги поддржуваат поврзаноста и работата на компаниите што функционираат тука. Бугарска компанија инвестирала 45 милиони лева во близина на Пловдив за проширување на својата дејност.

„Оваа година е клучна за нас и за нашиот бизнис. Отворивме нова логистичка база која ќе го поддржува нашето работење во наредните години, не само во Бугарија, туку и во странство“, вели Антон Војнов, трговски директор на компанијата.

Компанијата го смета регионот за поволен за бизнис, имајќи предвид дека во изминатите пет години успеала да го удвои прометот од продажба.

Слични Објави