| | |

(Видео) Благоевград во знакот на кукерската магија – традицијата оживеа на улиците на градот

Благоевград беше обвиен во магијата на кукерските традиции во последниот од неработните денови. Илјадници учесници излегоа на улиците на градот за да го избркаат злото и да донесат среќа во новата година. Дефилето, кое траеше со часови, покажа дека обичајот е пожив од кога било, обединувајќи генерации Бугари, јавува Пиринско.

И оваа година Благоевград се претвори во вистинска сцена на традицијата, магијата и бугарскиот дух. Градот се исполни со боја и колорит од илјадници сурвакари, кукери и обредни групи, пристигнати од различни краишта на земјата, со цел да го избркаат злото и злите сили и да донесат здравје, плодност и среќа. Ѕвонењето на чанови и клепала одекнуваше по улиците, а застрашувачките маски, изработувани со месеци, го претворија центарот на Благоевград во жива галерија на народната уметност. Огнот, танците и ритуалните движења ја вратија публиката векови наназад – кон корените, кога луѓето верувале дека преку бучава, светлина и заедништво можат да го прочистат светот околу себе.

Емоциите кај присутните беа шаренолики. Една од младите учеснички сподели дека таа била првата која посакала да се приклучи на групата од „Зелен дол“, а по неа се вклучиле и останатите членови од нејзиното семејство. „Многу ми е удобно, не е тешко и се навикнав“, раскажа таа за својот кукерски костим.

Подготовката за овој ден трае во текот на целата година, раскажа за Нова телевизија еден од родителите: „Цела година правиме костими, ѕвонци, шиеме појаси – така ја чуваме традицијата.“

Кулминацијата на дефилето беше појавата на „мечката“ – еден од најомилените ликови во кукерските игри. Учесник облечен во масивен мечкин костим упати благопожелби до сите Бугари: „Сурва е многу убава работа. Сакам да кажам да сте сите здрави и да има многу бериќет оваа година. Мечката е најубавиот костим“, изјави тој низ маската.

Дефилето во Благоевград уште еднаш потврди дека стремежот кон истерување на злото и надежта за подобра година остануваат темелeн дел од бугарскиот национален дух, кој се пренесува од татко на син.

Слични Објави