|

Северна Кореја ја тестираше најновата балистичка ракета, Ким со ќерката присуствуваше на лансирањето

Северна Кореја соопшти дека вчера тестирала нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво, а лидерот Ким Џонг ун рече дека тоа претставува голем чекор во способноста на Пјонгјанг да изврши нуклеарен контранапад.

Интерконтиненталната балистичка ракета со цврсто гориво е најмодерниот стандард во светот и може полесно да се преместува и лансира побрзо од ракетите со течно гориво.

„Хвасонг-18 ќе ја брани Северна Кореја, ќе ги потисне инвазиите и ќе ја заштити безбедноста на нацијата“, соопшти државната новинска агенција „КЦНА“, велејќи дека Ким изразил големо задоволство поради успехот на пробното лансирање.

Ким на промоцијата присуствуваше со својата десетгодишна ќерка Ким Џу Аје, која се почесто се појавува на официјални настани, пренесуваат медиумите.

Лансирањето на Северна Кореја предизвика паника на северниот јапонски остров Хокаидо, откако владиниот систем за итни случаи ги предупреди жителите да се евакуираат.

Набргу потоа, стравот се претвори во гнев и збунетост бидејќи беше укината наредбата за евакуација.

Војската на Јужна Кореја веднаш соопшти дека верува оти Пјонгјанг тестира нова балистичка ракета.



Слични Објави