Северна Македонија заедно со Грција, Бугарија, Кипар и Романија, се приклучува на борбената група HELBROC

/

Северна Македонија се приклучува кон ЕУ борбената група HELBROC, која е под директна контрола на Советот на Европската унија и е дел од заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата. Во борбената група HELBROC, која е предводена од Грција, со свои вооружени сили учествуваат и Бугарија, Романија, Кипар, Србија и Украина.

Армијата на Република Северна Македонија во HELBROC ќе учествува со еден лесен пешадиски вод од најмногу 43 лица во состав на Првата воздушна мобилна чета (Airmobile), заменик-командир на четата и подофицер за операции во штабот на HELBROC.

Соопштувајќи ја оваа важна вест пред новопримените професионални војници во касарната во Велес, министерката Радмила Шекеринска рече дека учеството во HELBROC го истакнува придонесот на Армијата за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. „Армијата и одбраната не се важни само за нашето НАТО членство туку и за нашиот втор стратешки приоритет – членството во ЕУ. Владата потврди дека Северна Македонија ќе се приклучи на мултинационалната ЕУ борбена група HELBROC. Со ова покажуваме дека нашите амбиции не завршија со членството во НАТО, туку се зголемија и ќе бидеме аргумент плус и за нашето членство во ЕУ“, рече Шекеринска.



Мисиите во кои може да биде вклучена HELBROC се операции за поддршка на мир, раздвојување на завојувани страни, стабилизација, реконструкција и воено советување на трети земји, превенција на конфликти и операции за евакуација и асистенција на хуманитарни операции.

Претходна статија

Готово е, Заев повеќе не е премиер, оставката констатирана, аплауз и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ (ВИДЕО)

Следна статија

Бугарскиот неделник „Обзор“ посветува цел еден број на 30-тата годишнина од смртта на Даме Груев

Најново од Вести