Шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ ОДИХР во посета на Јавното обвинителство
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски оствари средба со шефицата на Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк. На средбата присуствуваа и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности, како и Елена Коваљова, правен аналитичар од ОДИХР.
На состанокот Коцевски ги запозна претставниците на Набљудувачката мисија со законските надлежности и со организацијата на Јавното обвинителство за следење на изборниот процес за претстојните претседателски и парламентарни избори. Притоа беа разменети информации во однос на кривичните дела од Глава 16 од Кривичниот законик, како и другите кривични дела, кои посредно може да влијаат врз текот на изборите и за кои исто така Обвинителството приоритетно ќе постапува.
„Во интензивна комуникација сме со МВР, но и со Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и антикорупциската комисија, со кои активно се координираме во следењето на изборниот процес во согласност со нашите законски надлежности“, нагласи Коцевски.

