ШЕКЕРИНСКА: НИКОГО НЕ ШТИТИМЕ

Оваа држава се промени и во оваа држава кога ќе се појават снимки никој не тврди дека се сечени, лепени и монтирани. Кога ќе се види криминал, институциите реагираат и двајца се веќе во притвор. Кога за првпат излегоа некакви информации, не во јавност, премиерот го пријави случајот, изјави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во врска со случајот „Рекет“.

„Ние кажавме дека од прв до последен не сме заштитени, покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и овозможуваме сите институции да спроведат целосна истрага никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас. Никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита“, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања, по заедничката прес-конференција со полковник Грегори Најт, кој ја предводи делегацијата на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, која е во посета на Македонија.