| |

ШЕКЕРИНСКА ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА: ПОЧНУВАМЕ ПОСТАПКИ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ НА НЕБОРБЕНИ МОТОРНИ ВОЗИЛА И ИНЖИНЕРИСКИ МАШИНИ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Стопанската комора на Македонија  одржа состанок со претставници на фирми – можни понудувачи во постапките за јавните набавки на неборбени моторни возила и на инжинериски машини за потребите на Министерството.

За двете постапки се објавени технички дијалози. На состанокот фирмите беа охрабрени да дадат забелешки и коментари во однос на содржината на техничките спецификации од тендерската документација, во насока на зголемување на конкуренцијата при поднесувањето на понудите од понудувачите.

„На средбата со претставниците на овие домашни компании кажавме дека техничкиот дијалог не го водиме про-форма и ги охрабривме, ако имаат забелешки да ги достават бидејќи навистина ќе бидат земени предвид. Сакаме да обезбедиме чесна, транспарентна и многу конкурентна постапка, која ќе им даде шанса на најдобрите да победат, а нам ќе ни даде шанса да ја добиеме подобрата опрема по подобри цени. Сакам да кажам дека ова ќе продолжи да биде политика на Владата на РМ, на Министерството за одбрана и убедена сум дека тоа е добро и за институциите во Македонија, но и за домашната економија“ рече министерката.

Договорите кои ќе бидат склучени за овие две јавни набавки ќе бидат за период од 3 години и се содржани во Планот за јавни набавки за оваа година.

Тендерските документации ќе бидат отворени за забелешки до крајот на месецот.

Со набавувањето на неборбените возила и инженериските машини, во голема мерка ќе се зајакнат  и капацитетот и можностите на АРМ, не само во услови на криза, туку и секој пат кога Армијата им помага на цивилните институции.

Во одговор на новинарско прашање министерката изјави дека ниту еден денар од парите наменети за АРМ, не влегува во сумата за референдумската кампања и објасни дека се работи за средства кои што беа насочени кон активност во поддршка на нашите НАТО интеграции, но кои што не беа во делот на логистика ниту потреби на АРМ.

Оваа земја со огромно мнозинство одлучила да стане членка на НАТО и на ЕУ. Референдумот е еден од чекорите кои што може да ни обезбеди членство во ЕУ и НАТО. Ако за ова немаме консензус, многу тешко ќе биде да најдеме консензус околу други прашања и затоа го водиме процесот, многу јавно и транспарентно. Но велам, во Министерството за одбрана, ниту еден денар нема да се земе од функционирањето на Армијата за оваа цел – рече Шекеринска и додаде дека набавката на инженериски машини и неборбени возила  е најдобар демант дека ниту еден денар од парите наменети на АРМ, нема да биде потрошен за други намени.

 



Слични Објави