ШЕСТИ СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ НА 18 И 19 МАЈ

Вести Истакнато Култура

Шестиот Скопски цветен фестивал, под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП Паркови и зеленило, ќе се одржи на 18 и 19 мај во Градскиот парк во Скопје на почетокот на вториот дел, под мотото „Скопје цвета“. Фестивалот ќе почне со цветно дефиле од Собранието на Град Скопје во 11:30 часот, со деца од предучилишните установи и основните училишта, по што ќе следуваат настапи на повеќе музички и танцови изведувачи.

Посетителите ќе имаат можност да учествуваат и во целодневни активности кои ги нуди програмата: да проследат анимации за деца, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.

Целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, урeдувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина. За прв пат оваа година посетителите и љубителите на животни ќе имаат можност да добијат корисни совети за своите домашни миленици како и можност да вдомат домашно милениче.

Оваа година на манифестацијата ќе се претстават повеќе од 30-тина изложувачи- цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологија.

Извор: Макфакс