| |

Шестмина бугарски министри за одбрана со повик до пратениците: Бугарија итно треба да помогне за одбраната на Украина

Шестмина поранешни воени министри на Бугарија ги повикаа пратениците во бугарскиот парламент итно да ја гласаат за одлуката Бугарија да се приклучи кон европските напори за зајакнување одбраната на Украина.

Според нив, тоа најбрзо може да се направи со средства од бугарската армија, без да е потребно да се вклучуваат основни борбени платформи и вооружување. На претпријатијата од бугарската одбранбена индустрија треба да им биде дадена задача за навременото обновување на соодветната муниција за да се обезбеди борбена способност на бугарските вооружени сили.

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека покажувањето колебање и неизвесност, на поткопување
на сојузничката солидарност, ја прават Бугарија лесен плен за геополитичкиот опортунизам, кој бара слабости за да удри по хибриден или друг начин. „Неутралноста“ на Бугарија во однос на војната во Украина е директна закана за интересите на нашата безбедност“, се наведува во декларацијата на поранешните министри Бојко Ноев. Николај Свинаров, Ању Ангелов, Тодор Тагарев, Велизар Шаламанов и Николај Ненчев.
Од последните воени министри во списокот ги нема Красимир Каракачанов и Ангел Најденов.


Само Бугарија и Унгарија не и помагаат на Украина со воени производи, а премиерот Кирил Петков повеќепати кажа дека официјална одлука во оваа насока може да донесе само Парламентот.

Бугарскиот новинарски сајт Медиапул го објави целосниот текст на декларацијата на поранешните воени министри:

Украинскиот народ веќе 33 дена ја одбива агресијата на Кремљ со неверојатна храброст и
самопожртвуваност. Неконтролираното бомбардирање од страна на агресорот на мирните градови и села предизвика илјадници невини цивилни жртви, вклучувајќи жени, деца и
возрасни. Милиони се протерани од своите домови и бараат заштита во странство. Воената машина на Кремљ врши воени злосторства.
Демократскиот свет остро ја осудува агресијата на Путин и неговата клика и застанува обединет позади праведната кауза на Украина. Земјите од ЕУ и НАТО се во првите редови на солидарноста, а тие освен азил за бегалците, на Украина и обезбедуваат и материјална помош, вклучително и средства за одбрана, за одвраќање на агресорот.

Денес, граѓаните на Украина не ја бранат само својата земја. Тие ги штитат и границите на Европа, кон која сакаат да припаѓаат и која Путин ја прогласи за непријател. Меѓу непријателите е запишана и Бугарија.

Секаков излез од војната, наметнат со силата на оружјето на агресорот, ќе биде удар не само за авторитетот на демократскиот свет, туку и за довербата во способностите на нејзините организации, НАТО и ЕУ да ги бранат своите вредности и интереси. Затоа одбраната од агресијата на Путин во Украина е наша заедничка кауза.

Во овие драматични денови Бугарија продолжува да се истакнува меѓу своите сојузници во
ЕУ и НАТО со своите неодлучни и двосмислени политики за обезбедување на воено-техничка помош за Украина. Ова го нарушува авторитетот на земјата. Останува без одговор принципиелното прашање зошто приклучувањето кон сојузничките сили би создало опасност за Бугарија? Зошто Бугарија, за разлика од сите други земји од ЕУ и НАТО би била загрозена од Путин? Зошто Бугарија, за разлика од земјите што граничат со конфликтот, би била вклучена во конфликтот?
Мораме јасно да ставиме до знаење дека тоа се манифестации на колебање и неизвесност, на поткопување на сојузничката солидарност, што ќе ја претворат Бугарија во лесен плен на геополитичкиот опортунизам, кој бара слабости за да удри по хибриден или друг начин.
„Неутралноста“ на Бугарија кон војната во Украина е директна закана за интересите
на нашата безбедност.
Бугарија треба што побрзо да стане дел од европскиот и евроатлантскиот одговор на агресијата врз Украина и да се приклучиме колку што можеме во доставата на техника за одбрана.

Ги повикуваме пратениците без разлика на нивната политичка определба, веднаш да започнат консултациите за донесување одлука на Парламентот, која што ќе го даде потребниот мандат на извршната власт да се вклучи во европските напори за зајакнување одбраната на Украина. Ова може да се направи најбрзо со достапните средства на бугарската армија, без потреба од вклучување на големи борбени платформи и вооружување. На претпријатијата од бугарската одбранбена индустрија треба да им биде дадена задача за навременото обновување на соодветната муниција за да се обезбеди борбена способност на бугарските вооружени сили.
Нема време за губење! Мора да ја исполниме нашата должност кон украинскиот народ додека не стане доцна!
Софија, 28 март 2022 година.

Бојко Ноев, министер за одбрана 1994-1995 и 1999-2001 г.
Николај Свинаров, министер за одбрана 2001-2005 година
Ању Ангелов, министер за одбрана 2010-2013 година
Тодор Тагарев, министер за одбрана 2013 година
Велизар Шаламанов, министер за одбрана 2014 г
Николај Ненчев, министер за одбрана 2014-2017 година



Слични Објави