| |

„Њујорк Тајмс“: Трамп може да се сретне со Путин и Зеленски уште следната недела

Претседателот на САД, Доналд Трамп, би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин уште следната недела, објави New York Times. Според американскиот медиум, Трамп најпрво сака да одржи билатерална средба со Путин, а потоа да иницира тристрана средба во која би учествувал и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува БГНЕС.

Можната средба на високо ниво била тема и на вчерашниот телефонски разговор меѓу Трамп и Зеленски. Висок извор од Киев потврдил дека во разговорот учествувале и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и лидерите на Велика Британија, Германија и Финска.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека „Русите изразиле желба за средба со претседателот Трамп, а претседателот е отворен за разговор и со претседателот Путин и со претседателот Зеленски“.

„Претседателот Трамп сака оваа брутална војна да заврши“, додаде Левит.

И New York Times и CNN, повикувајќи се на извори запознаени со планот, објавија дека средбата со Путин би можела да се случи веќе следната недела, а потоа би следела и тристраната средба со учество на Зеленски.

Кремљ соопшти дека средбата меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се одржи во наредните денови, при што двете страни веќе се договориле за местото на одржување.

Тоа ќе биде прва средба меѓу актуелни претседатели на САД и Русија откако Џо Бајден се сретна со Путин во Женева во јуни 2021 година и доаѓа во момент кога Трамп се обидува да посредува за прекин на руската воена агресија врз Украина.

Слични Објави